Американски дипломат е пронајден мртов во луксузна хотелска соба во Киев

173

Вработен во американската амбасада е пронајден мртов во главниот град на Украина. Телото на неименувано аташе на амбасадата било пронајдено вчера во хотелот Хилтон во Киев, објави украинскиот медиум Strana.ua, повикувајќи се на извори од полициските сили.

„Вчера околу 11 часот во хотелската соба е пронајдено телото на аташето на американската амбасада. На телото не се пронајдени траги на насилство. Мажот пристигнал во Украина на 15 јуни. Според медицинските информации дадени од во амбасадата, човекот имал проблеми со висок холестерол“, им рекол изворот.

Украинската новинска агенција New Voice (NV) исто така соопшти дека на телото нема траги на насилство. Додадоа дека вратата од хотелската соба била затворена одвнатре. Тие истакнаа дека не е извршена обдукција и дека телото е предадено на амбасадата.

Во март, четири неименувани извори изјавија за магазинот Форин полиси дека американскиот Стејт департмент планира да распореди 30 до 40 дипломати во американската амбасада во Киев. Тие објаснија дека целта на планот е да им се овозможи на функционерите, вклучително и на амбасадорката Бриџит Бринк, да имаат поголема флексибилност во патувањето низ регионот.

Форин полиси напиша дека вработените во амбасадата се преоптоварени бидејќи се соочуваат со недостиг среде војна. Американскиот Стејт департмент во моментов ги советува американските граѓани да не патуваат во Украина поради „активен вооружен конфликт“.