Кардиолозите со сериозно предупредување: Возбудата за време на натпреварите може да се претвори во симптом на срцев удар

104

Истражувачите од Универзитетот Јоханес Гутенберг ги анализирале приемите во болница за време на Светското фудбалско првенство во Бразил во 2014 година и откриле дека случаите на срцев удар се зголемиле за повеќе од пет проценти за време на првенството, пишува Index.hr. Во прилог на ова е и веста дека пред натпреварот помеѓу Србија и Данска на овогодинешното европско првенство во фудбал колабирал млад Германец, кому, за среќа, му помогнале двајца Данци.

Истражувачите ги споредиле приемите во болница и смртните случаи поради срцев удар во четири периоди: за време на Светското првенство, од 12 јуни до 13 јули 2014 година и за време на три периоди без големи фудбалски настани, од 12 јуни до 13 јули 2013 година, од 12 јуни до 13 јули 2015 година и помеѓу 14 јули и 14 август 2014 година.

Иако во периодот од 2011 до 2015 година немаше разлики во вкупниот број заболени од срцев удар во болниците во текот на јуни и јули, бројот на хоспитализирани е најголем во 2014 година. Имаше вкупно 18.479 во текот на 31 ден од Светското првенство – околу илјада повеќе од следниот месец. Ова е зголемување од 5,4 отсто и се смета дека е резултат на емоциите кои ги разбрануваа навивачите, предизвикувајќи скокови на хормоните за коагулација на крвта. Срцевите удари на Светското првенство исто така беа за 3,7 и 2,1 отсто повисоки во споредба со годината пред и годината по Светското првенство.

Бидете внимателни ако имате коронарна артериска болест

„Гледањето фудбал на големи настани, како што се Светското првенство или Европското првенство, е придружено со возбуда, но може да доведе и до гнев, што придонесува за појава на срцев удар“, предупреди кардиологот и главен автор на студијата, д-р. Карстен Келер и советуваше претпазливост на сите со коронарна болест.

„Обидете се да не се грижите премногу, бидејќи тогаш сте особено ранливи“, заклучил тој.

Симптомите на срцев удар вклучуваат анксиозност, непријатност во градите, болка која се шири од градите на остатокот од телото, кашлица која не поминува долго време, замор, гадење и повраќање, губење на апетит, прескокнување отчукувања на срцето, зголемено потење и отекување на одредени делови од телото.