„Оваа претстава постојано ми е на ум. Таму сликите и звуците се силни. Дејството, играта, сето она што може да ја направи вечерта посебно доживување, дури и ако таа носи напнатост која ќе ве разбранува…“, посочи меѓу другото во критиката за претставата Миклош Сенаси

 

Претставата „Демони“ од Достоевски, во режија на Дејан Пројковски, која беше поставена на крајот на април во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија, е прогласена за најдобра претстава на сезоната. Изведбата имаше позитивни критики кај стручната јавност во Унгарија, но и кај публиката. Покрај режијата на Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, драматизацијата на Сашо Димоски, а музиката на Горан Трајкоски.

Специјалната награда на Пројковски деновиве на свеченост му ја додели директорот на театарот, Mátyássy Szabolcs, кој посочи дека, оваа претстава му е постојано на ум.

„Таму сликите и звуците се силни. Дејството, играта, сето она што може да ја направи вечерта посебно доживување, дури и ако таа носи напнатост која ќе ве разбранува… За мене без претерување оваа претстава е една од најдобрите, која потсетува на златната ера на Националниот театар од Дебрецен. Инспиративната режија на Дејан Пројковски е на високо ниво, претставата не нуди лесна забава, но вреди да се обидете и да дозволите овој визионерски и тотален театар да ве понесе и вас“, посочи меѓу другото во критиката за претставата Миклош Сенаси.

Познатиот македонски режисер чии претстави се наградувани ширум Балканот и Европа, пак, истакна дека е голем предизвик да се работи Достоевски.

„Навистина ми е драго што ‘Демони’ ја доби оваа престижна награда. Чест е да се соработува со прекрасниот ансамбл на театарот во Дебрецен. Поминавме креативен процес, отворивме многу дилеми, нурнавме во тајните на човечката душа. Беше како една патување низ срцето и душата“, изјави Дејан Пројковски.

Од најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција, Пројковски во март годинава доби награда за режија во рамките на 9. Интернационален театарски фестивал во Истанбул, Турција.

Прва награда од публиката, пак, неодамна доби монодрамата „Сите најубави нешта“ според мотиви на Данкан МекМилан, со Игор Ангелов, а во режија на Дејан Пројковски, која беше претставена во рамките на 25. јубилејно издание на International Monodrama Festival-Bitola.

Монодрамата со оригинален наслов „Every Brilliant Thing“ ја повлекува завесата за тоа како е да се биде дете на родител, кој поминува низ тешки животни моменти и колку сме потребни за оние што ги сакаме. Заснована на вистинити и невистинити случки, оваа монодрама е приказна за тоа како да се постигне надеж во животот со фокус на најмалите нешта. Приказната буди различни емоции кај гледачите, од смеење до плачење, и ги поттикнува да размислуваат за значењето на среќата и животот. Претставата е продукција на OXO communications.

За режисерската големина и професионалност на Пројковски зборуваат и учествата на  неговите претстави „Ана Карењина“ и „Ричард Трети“, на 10. издание на светската Театарска олимпијада во Унгарија.

„Ана Карењина“ досега има освоено над 40 награди и е најнаградувана претстава во историјата на Новосадскиот театар. „Ричард Трети“ пак, на 35. издание на Фестивалот на унгарски театри во Кишварди, доби Гран-при за најдобра претстава во целина и наградата за најдобра машка улога.

Успехот на неговите претстави е потврден и со Наградата за најдобра режија за „Ричард Трети“ според Belgrade Edt Culture. „Дон Жуан“ во негова режија беше избрана за најдобра претстава во целина во Хрватска, а претставата „Ромео и Јулија“ ја доби највисоката театарска награда во Турција.

Претставата „Скупљачи перја“, според култниот текст на Александар Петровиќ,  која Пројковски ја постави во ноември минатата година во Српско народно позориште во Нови Сад, од критиката е наречена спектакл, што всушност може да се каже и за сите негови досегашни поставки на сцена. Драматизацијата на оваа претстава е на Сашо Димоски, а музиката на Оливер Јосифовски.

Во Македонија, последно ги режираше „Падот на Масада“, по текст на Венко Андоновски, која својата премиера ја имаше на крајот на минатата година во Драмски, додека во Велешкиот театар на репертоарот се „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“, кои со голем интерес беа проследени од македонската јавност.