Отпадот од лозјата може паметно да се искористи, бидејќи толку многу се калорични остатоците од лозовите прачки и можат да се искористат и за огрев и за други намени, беше заклучокот од презентацијата пред лозари и винарниците во Кавадарци. На средбата беа презентирани анализи за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците.

Био-отпадот од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, подвлекоа Александра Караевска Димовска и Билјана Матевска, вклучени во проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот Регион“.

Резултатите од проектот што се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ), преку Германско друштво за меѓународна соработка, во партнерство со винарницата „Бовин” и Центарот за истражување и креирање политики, беа презентирани во присуство на претставници на општината, бизнис секторот, лозари и винари.

Експерти за оваа област пред присутните презентираа бизнис модели за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците, со цел добивање на други производи, намалување на загадувањето, добивање на енергија и добивање на додадена вредност.

– Праксата на горење на гранките на отворено, е нешто што е забрането со закон и не влегува во добрите практики што се наложени во законот за управување со отпад. Тоа е нешто што мора да се искорени, во што е можно побрз временски период, ако сакаме да се доближиме до ЕУ – рече Матевска, координатор на проектот во рамките на Центарот за истражување и креирање политики.

Александра Караевска-Димовска, советник за управување со отпад при канцеларијата на ГИЗ, посочи дека овој отпад може да биде ресурс за греење, да се добие био-ѓубриво, сточна храна, брикети, пелети, брашно, масло и други производи. Значи, да се искористи и во прехранбена, фармацевтска и козметичка индустрија.

 –  Се развија бизнис модели за различни типови на производи, во соработка со тим од експерти – рече Караевска Димовска, нагласувајќи дека целта им е да ја зголемат свесноста околу можноста за искористување на овој отпад и вклучување на што е можно повеќе субјекти во тој еколошки процес. 

Караевска Димовска подвлече дека првично, заклучоците до кои доаѓаат ги реализираат заедно со „Бовин”, за подоцна тој модел на соработка да се оствари и со други винарници.

Инаку, со години наназад, секоја пролет во најголемиот регион за производство на грозје и праски во Македонија, се горат купишта лозови прачки и гранки од праскови дрвца кои остануваат по резидбата. На меѓата речиси од секоја нива лозарите во распламтените огнови ставаат маса од лозови прачки кои светот знае да ги искористи разумно. Огромни чадови од сите страни.

Упатените и годинава апелираат дека за жал една суровина од регионот со години неповратно оди во воздухот. А може да се искористи барем за две работи, за производство на иверка и производство на брикети за огрев, нешто што во светот одамна се практикува.

(С.Бл.)