Огномет од јахта предизвика голем шумски пожар на грчки остров – 13 лица се уапсени

94
Фото: Facebook/ epoxikoipirosvestes

Тринаесет лица се уапсени откако избувна шумски пожар на грчкиот остров Хидра, кој според властите бил предизвикан од огномет испукан од јахта.

Пожар ја изгоре единствената борова шума на популарниот туристички остров јужно од Атина во петокот, напишаа официјални лица на Фејсбук. Пожарот сега е ставен под контрола, но пожарникарите имаат потешкотии да го изгаснат.

Бидејќи нема патишта до плажата, пожарникарите морале да пристапат по море, додека хеликоптери фрлале вода од воздух.

Во соопштението во саботата, грчката противпожарна служба информираше дека сите 13 уапсени се грчки државјани и дека ќе се појават пред обвинителите во недела.

Во соопштението не се споменува јахтата.

Причината за пожарот предизвика гнев во Грција, која веќе се бори со неколку шумски пожари и е зафатена од првиот топлотен бран годинава.

„Ние сме револтирани што некои луѓе толку неодговорно пукаат со огномет кон боровата шума“, изјави градоначалникот на Хидра, Јоргод Кукудакис, за грчката телевизија ЕРТ.

Осуди имаше и на социјалните мрежи: „Богати со вишок пари и без мозок“, гласеше еден коментар.

Грција е во состојба на готовност поради шумски пожари од вторникот, а властите се подготвуваат за тешко лето бидејќи се предвидуваат високи температури, суво време и силен ветер.

Во петокот, 55-годишен пожарникар доброволец почина од повредите со кои се здоби при гаснење на пожар во јужниот регион Илиа на полуостровот Пелопонез.