Хезболах има ново оружје и разузнавачки способности кои, во случај на сеопфатна војна, би можеле да му помогнат да нападне цели длабоко во израелската територија, рече Хасан Насрала, лидерот на милитантната група со седиште во Либан.
„Сега имаме ново оружје. Но, нема да кажам какво. Кога одлуката ќе биде донесена, тоа ќе се види на првите линии“, рече тој во телевизиско обраќање по повод комеморацијата на високиот командант на Хезболах, кој беше убиен во израелски воздушен напад во јужен Либан минатата недела.
Во октомври Хезболах употреби домашно изработени беспилотни летала и ракети земја-воздух против израелски авиони за прв пат од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.
Насралах во 2021 година изјави дека Хезболах има 100.000 борци, но сега тврди дека ги има уште многу, без да ја прецизира бројката.
Тој, исто така, рече дека ги отфрлил понудите од сојузничките земји и милициите од регионот кои би можеле да додадат десетици илјади борци во редовите на Хезболах.
Десетминутното видео, наводно снимено од дрон на Хезболах, прикажува делови од Хаифа – град кој не е блиску до границата меѓу Израел и Либан. Видеото беше објавено вчера.
Насрала денеска изјави дека Хезболах има уште многу такви снимки – очигледна закана дека неговите напади би можеле да стигнат до локации длабоко во Израел.
Началникот на израелската армија, генерал-полковник Херзи Халеви, денеска ги посети израелските војници за воздушна одбрана во близина на границата со Либан и рече дека Израел е свесен за можностите на Хезболах прикажани на видеото и има решенија за овие закани.
Непријателот знае само мал дел од нашите можности и ќе ги види кога е потребно“, рече Халеви.