Изминатиот викенд повеќе од 60 волонтери бојадисаа повеќе од 600 квадратни метри површина на живеалиштата на бездомните кучиња во стационарот на ЈП „Лајка“. Бојадисани се и 40 врати , а обновени се и реквизитите за игра во парковите во ЈП „Лајка“.
-Овие нешта беа повеќе од потребни за пред се да се дезинфицира прифатилиштето и да изгледа подобредојдено за секој што сака да не посети и да вдоми куче, нагласија од ЈП „Лајка“.
Активностите се одвиваа во рамките на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство”, под покровителство на Амбасадата на САД во Скопје преку кој се обезбеди боја и сите потребни материјали за работа.
Од ЈП „Лајка“ им се заблагодаруваат на сите прекрасни луѓе и деца, од сите возрасти кои со нивната посветеност и труд, како што велат биле навистина инспиративни и без нив претпријатието немаше да успее да направи подобра средина за бездомните кучиња.
-Овој ден ќе остане засекогаш исцртан на ѕидовите на ЈП „Лајка“ преку муралот и пораките на нашите познати уметници Драш и Мачка кои работеа заедно со нас да ја обоиме „Лајка“ и да го разубавиме светот на кучињата – потенцираат од претпријатието.
Инаку, градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, им понудил на граѓаните речиси една третина од минималната месечна плата во земјата ако посвојат бездомно куче.
Низ главниот град на Косово има околу 4.000 улични кучиња и тие претставуваат голем проблем за локалните власти. Шокантната снимка на која едно момче брутално тепа улично куче ја крена свеста за овој проблем и доведе до протести минатиот месец.
-Ова не е изолиран случај, тоа често им се случува на кучињата во Косово“ – изјави Аргјента Доцики, активистка за заштита на животни.
Рама се надева дека неговата амбициозна програма „Дом за секое куче“ ќе го реши проблемот и ќе го промени ставот кон овие животни. Градот ќе му плаќа на секое домаќинство 50 евра месечно за посвоено куче-скитник.
-Чување куче е скапо и немаат сите пари за тоа. Затоа им помагаме на семејствата во посвојувањето – истакна Рама.
Градот веќе почнал да ги трга кучињата од улиците и Рама информирал дека тие ќе бидат сместени во засолниште, каде што ќе бидат вакцинирани, стерилизирани и спремни за посвојување. За тоа ќе се издвојуваат околу два милиона евра годишно.