Општина Кисела Вода им додели награди – парични ваучери на членовите на хорот и на оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“,  кои и оваа година беа во центарот на вниманието на Светскиот куп во фолклор во Јесоло, Италија.

– Меѓу 500 учесници од 12 држави од светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска, нашите претставници се вратија од ова натпреварување со шест награди во различни категории, од кои највисоко е постигнатото второ место – соопштија од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им честита за успехот и им се заблагодари што на Светскиот куп во фолклор во Италија одлично ги претставиле своето училиште, Општината Кисела Вода и Република Македонија.

– Особена благодарност до наставничката, која, со својата посветена работа и со стручноста, во континуитет го води овој музички ансамбл до врвот. Нејзината серија успеси е инспирација за сите нас и пример за тоа што може да се постигне со вистински посветена работа и труд – истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека му е особено драго што Македонија, која отсекогаш била препознавана по својата песна и по квалитетните музичари, повторно се искачила на светската сцена благодарение на овие прекрасни дечиња.