Со цел растоварување на сообраќајот во централното градско јадро, по примерот на европските градови, Општина Битола во континуитет работи на спроведување решенија што ќе ја намалат фреквенцијата на возила во центарот на градот, а со тоа ќе се влијае за подобра уреденост, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и за намалување на аерозагадувањето од возилата.
Во оваа насока, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, побара од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг изработка на основен сообраќаен проект за воведување пешачка зона на плоштадот „Гоце Делчев“. Сообраќајниот проект се работи според сообраќајна студија и идеен сообраќаен проект, со динамичка микроскопска симулација за организирање режим на сообраќај во централно градско подрачје во Битола.
Претворањето на паркингот во пешачка зона е само еден дел од целата студија, а се изработени и два сообраќајни проекта за централното градско подрачје за претворање улици од двонасочен во еднонасочен сообраќај, пешачки зони, смирен сообраќај и друго.
Покрај тоа што паркингот ќе стане плоштад, Општината ќе побара од јавноста и од експертите во областа да понудат идејно решение што ќе даде добра насока за целосно уредување на плоштадот со нови содржини.
Дополнително, за да не се појават недостатоци на паркинг-местата, локалната самоуправа работи на подготовка на проектна документација и уредување на паркинг-просторите на повеќе локации како што се: Декорпод, Ат пазар, Овчи пазар, соодветно се адаптираат просторот кај поранешен ЈАТ, паркинг- просторот на улицата „Цане Василев“, а ќе следуваат површините наменети за паркирање кај улиците „Нико Фундали“, „Никола Русински“, просторот меѓу таканаречените згради „Хеликоптери“, како и делот зад СВР Битола.
– Со организирани активности и во координација со ЈП „Паркинзи“, веќе се работи на поттикнување на граѓаните за активно користење на постојните обележани паркинг-простори и надминување на проблемите со паркирањето возила на несоодветни места и зелени површини – нагласуваат од Општина Битола.