Винскиот музеј и Музеј-галеријата „Кавадарци“ ја промовираа книгата „Ваташа”, по повод 81-годишнината од стрелањето на 12-темина ваташки младинци од страна на тогашниот бугарски фашистички окупатор. Станува збор за драмски ораториум од драматургот Зоран Пејковски.
– Работен е врз основа на минатогодишното дело „Мемоари – сеќавање” во издание на Винскиот музеј што, пак, претставува еден вид реконструкција на настаните пред и по тој кобен ден 16 јуни 1943 година, врз основа на сведоштва на блиски другари, роднини и сопартијци – рече Весела Честоева, директорка на Винскиот музеј, упатувајќи благодарност до кавадаречкиот градоначалник и до Советот на Општината.
Четворица актери изведоа драматизација од овој ораториум.
Рецензенти на делото се Марјан Патлиџанковски и Александар Јордановски. Пред присутните се обратија и Јордановски и Пејковски, како и директорот на Музеј-галеријата, Јаким Зимоски, и претседателот на општинскиот Совет, Стојанче Рамов.