Верниците од муслиманска вероисповед денеска го празнуваат празникот Кубран бајрам, кога, според традицијата, секое семејство коле курбан (овца или јагне). Но, годинава, цената на курбанот отиде до плафон, достигнувајќи и до 250 евра за грло, па, за многумина, беше невозможно да се купи. Велат дека цената е превисока за стандардот на граѓаните во земјава.

– За тој што има пари е евтино, но за нас што сме со ниски плати е скапо. Со платата што ја земам, не можам леб да си купам, а камоли курбан – рече еден посетител на пазарот во Тетово.

Можеби, цената е диктирана и од фактот што годинава беше забележливо дека немаше животни за курбан на пазарите. Продавачите велат дека одгледувањето овци не е лесна работа.

– Младите заминаа по работа во Европа и нема овчари – вели еден продавач.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, во споредба со 2022 година, вкупниот број на овци бележи пад од 9,2 %. До пред една деценија, Македонија беше рекордер од државите на поранешна Југославија по бројот на овци.

(С.Бл.)