Во саботата, во Европа одекна вест како бомба. Третиот најголем туроператор во Европа ги откажа сите патувања од 6 јули 2024, и со тоа над 175 илјади луѓе останаа без аранжман.

Станува збор за германската компанија „ФТИ туристик ГмбХ“, која ги извести корисниците преку соопштение, со цел да имаат време да си го планираат одморот со друг туроператор.

– Германскиот фонд за патничко осигурување (ДРСФ) е подготвен да го регулира порамнувањето на постојните барања за поврат на пари со други туроператори. За толку кратко време, сепак, не беше најдено решение за преземање на аранжманот – изјавија од компанијата.

Со откажување на сите пакет аранжмани, партнерите на туристичките агенции ФТИ можат да им понудат на своите клиенти алтернативни патувања.

Германските медиуми јавуваат дека откажаните резервации се во вредност од стотици милиони евра. Депозитите за аранжмани треба да се рефундираат од ДРСФ, додека корисниците што резервирале само поединечни услуги, како што се летови или хотели, немаат право на враќање на веќе извршените плаќања.

„ФТИ туристик ГмбХ“, матичната компанија на „ФТИ груп“, неодамна поднесе барање за стечајна постапка пред Окружниот суд во Минхен.