Гневни родители во ист ден истепале две наставнички од две различни училишта во Белград

1219

Две наставнички од две различни белградски основни училишта, речиси во исто време, во четвртокот попладне, биле претепани од гневни родители на нивни ученици. Двете биле однесени во болница со итна помош, а против родителите ќе се поднесат кривични пријави.

Наставничката по биологија во основното училиште „Јиван Дучиќ“ на Нов Белград во попладневните часови била посетена од мајка на ученик на кој во дневникот му заклучила двојка. Мајката сакала да знае зошто не му ставила тројка, како што изнесувал просекот на оценките. За да ги реши несогласувањата наставничката ја поканила во кабинетот, каде што наместо решение на проблемот се случило насилство.

-Мајката дојде на отворената врата и ја праша наставничката по биологија зошто нејзиниот син добил 2, кога тој има просек 3. Притоа не знаела дека и оценката од првото полугодие е собрана, изјавила за српските медиуми наставничка која заедно со претепаната колешка отишла во болница.

Тогаш мајката почнала да вика, да пцуе, да се заканува дека ќе оди кај директорката, за што професорката по биологија ја охрабрила. Но, наеднаш мајката се вратила во кабинетот и уште од врата ја фатила за коса, ја турнала и почнала да ја удира од подот. Истовремено, зборувала ужасни работи.

-Не знаеш ти која сум јас, кучко. Ќе ти го убијам семејството, нема веќе никаде да работиш, нема да работиш во училиште, се дерела мајката.

Инцидентот се случил за време на училишниот одмор, па повиците за помош на наставничката никој не ги слушнал, што бесната мајка го искористила, па продолжила да ја тепа наставничката и да се заканува.

-Никој не те слуша, ќе те убијам, викала таа.

Во еден момент наставничката успеала да избега, по што колегите повикале полиција, која дошла и земала изјава.

-Колешката има контузија на градниот кош, повреди на ногата и раката, а има и гребаници, изјави една од колешките додавајќи дека сите се преплашени и згрозени од тоа што и се случило.

Мајката која ја истепала наставничката во полиција изјавила дека завршила курс за боречки вештини.

Со одлука на колективот, во основното училиште „Јован Дучиќ“ вчера немаше настава.

Вториот инцидент бил со наставничка во основното училиште „Свети Сава“ на Врачар. Ја нападнале родителите на ученичка од трето одделение кога излегувала од автобус на враќање од настава во природа. Извор за Курир.рс. раскажува дека девојчето учело во 3/3 одделение, а нападната наспавничка предавала во 3/2.

-Таткото на девојчето ја плукна и ја турна учителката, а потоа мајката ја скубеше за коса до таа мера што ја собори на земја. Сведоци на инцидентот се повеќе родители и деца, како и една учителка, вели изворот.

Според директорката на училиштето, Јована Миленковиќ, повикана е полиција, а известен е и дежурниот јавен обвинител. Исто така, дошла и екипа на итната помош, која учителката ја однела во Ургентен центар. Против родителите кои ја нападнале учителката ќе биде покрената кривична пријава, а вчера е известен и Центарот за социјална работа.

Инаку, нападот уследил по инцидент во дискотека, каде што биле однесени учениците на караоке забава.

– Девојчето се пожалило дека учителката С.Ѓ. ја турнала за да ги сними своите ученици кои настапувале. Нејзината колешка и пришла заедно со ученичката и ја опоменала дека девојчето има карцином на рбетот, на што наставничката С.Ѓ. наводно одговорила дека не го турнала девојчето. Според друга учителка, С.Ѓ. наводно рекла дека ако е болно, девојчето треба да се лекува. Но, С.Ѓ. наводно тврдела дека таа ја немала таа информација и дека болно дете треба секогаш да биде покрај учителката, појаснува директорката за Курир.рс.

Нападот на учителката С.Ѓ. уследил веднаш откако родителите дознале за инцидентот во дискотеката.

-Ја нападнаа веднаш по излегување од автобусот, изјавил сведок на настанот.