58. МТФ „Војдан Чернодрински“: „Црна дупка“ на „Антон Панов“ – најдобра претстава, седум награди за „Иванов“ на МНТ

60

Претставата „Црна дупка“, во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица, ја освои наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Наградите на прес-конференција ги соопшти меѓународното жири во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев, претседател, Марина Катниќ Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, членови. Струмичката претстава доби уште две награди – и тоа за главна машка улога за Васил Михаил за улогата на Силјан и за женска епизодна за Анкица Бенинова за улогата на Сања.

Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата – сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеја техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус.

Претставата „Иванов“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, а во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје, пак, освои дури седум награди.

Тоа се: наградата за рекламен материјал – Зоран Кардула, за кореографија и сценски движења – Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа и Нина Деан; награда за сценографија – Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска; за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев; за главна женска улога – Дарја Ризова за улогата на Саша; наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ – Григор Јовановски за улогата на Љвов и наградата за режија – Зоја Бузалковска.

На фестивалот наградата за музика ја освои Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија; награда за современа сценска драматизација и адаптација доби „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци, а наградата за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“.

Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.