По светскиот успех, многуте признанија и настапи на најголемите поетски фестивали, соработка со познати интернационални музичари и уметници, врвниот македонски поет Никола Маџиров се „врати дома“. На раскошен поетско-музички настан, во преполниот простор на „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, синоќа, македонските книжевници, музичари, актери и уметници од повеќе генерации, му оддадоа почит на Маџиров, интерпретирајќи негови стихови.
На оваа емотивна вечер, со концепт што првпат се применува во нашата земја, беше одбележано објавувањето на големата поетска книга со целокупното поетско творештво на Маџиров – „Шестарот на времето“, која е во издание на „Арс Ламина“.
Настанот, што се одржа во рамките на фестивалот за литература и општа култура – „Видик“, почна со проекција на документарец со видеоснимки од настапи на Маџиров на повеќе поетски фестивали, како и од изведба на музичари, кои свират композиции инспирирани од стиховите на нашиот поет.
Во продолжение, уредничката Оливера Ќорвезироска ја претстави книгата „Шестарот на времето“, по што следуваше кулминацијата на вечерта – поетското читање проследено со џез-музика. Стихови од Маџиров интерпретираа 20-ина познати имиња од повеќе области на културата, негови соработници и пријатели: поетот Ѓоко Здравески, пејачката Добрила Грашеска, актерката Симона Димковска, писателката Николина Андова Шопова, актерката Александра Пешевска, теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска, поетесата Ивана Јовановска, музичарката Зарина Првасевда, професорката Елизабета Шелева, писателот Александар Прокопиев, авторот Дарко Лешоски, амбасадорот на ЕУ – Дејвид Гир, актерот Ѓорѓи Јолевски, џез-музичарите Џон Илија Апелгрен и Гордан Спасовски (муз.), писателот Гоце Смилевски, младата авторка Ива Дамјановски, актерот Мартин Манев, младиот поет Јосип Коцев, Јасна Трпкова од групата „Mојра“ и други. Тие беа придружувани од триото во состав: Никола Бочваров, Дамир Имери и Гоце Стевковски, кои свиреа во тон на поезијата на Маџиров.
Видно трогнат и благодарен на почитта што му ја оддаде македонската културна фела, еден од најпознатите и најпреведуваните наши поети во светот, Маџиров, изјави дека со овој настан конечно се чувствува како да се враќа дома:
– Ви благодарам што ми дадовте дом. Благодарам за сите гласови што ги отелотворивте. Повеќегласовноста понекогаш ја чувствуваме како внатрешна неволја, но вие со вашите гласови ме вдомивте. Денеска се чувствувам како вратен дома, обединет со вас, со вашите гласови и вашето присуство. Благодарам што ме убедивте да се реализира оваа книга, на најубав можен начин – со љубов! Зборот благодарам нека не исчезне, без оглед на тоа што толку многу се повторува, затоа ја избрав да ја прочитам песната „Дом“ – рече Маџиров.
Стихозбирката, која е во издание на „Арс Либрис“ го обединува целокупното поетско творештво на Маџиров. Книгата е со поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска и обемен додаток во кој првпат на едно место се објавуваат извадоци од домашната и од светската критика за Маџиров.