Љубителите на фудбалот со нетрпение го чекаат првиот судиски свиреж со кој ќе се означи почетокот на Европското првенство во Германија. Ако не сте сигурни кој да го изберете за омилен, можеби, ние ќе ви помогнеме малку.
Во таа насока, ви пренесуваме список со 15-мина фудбалери од нападот и од средниот ред што беа во најдобра форма во своите клубови, во неодамна завршената сезона.
Фокусот, секако, е ставен на головите и на асистенциите.
НАПАД
Хари Кејн (Англија) – Најдобар стрелец во Европа минатата сезона, со 36 гола за Баерн Минхен, беше токму Кејн. На последните 14 натпревари од март, тој имаше вкупно 17 гола и асистенции.
Килијан Мбапе (Франција) – Еден од очигледните избори меѓу напаѓачите. На последните 15 натпревари, тој учествуваше во 15 гола и асистенции за ПСЖ. Пред ЕП, го оствари детскиот сон – стана играч на Реал Мадрид, па очекуваме да „експлодира“ со голови во Германија.
Кристијано Роналдо (Португалија) – Многумина ќе го заобиколат во широк лак поради возраста (39), но и лигата во која игра (Саудиска Арабија). Сепак, никој не смее да ја потценува оваа „машина за голови“. На 17 натпревари од март, тој учествуваше во 17 гола и асистенции за својот Ал Наср. Ова му е последно ЕП во кариерата, па нема дилема дека ќе биде особено мотивиран.
Роберт Левандовски (Полска) – Тешко е да се очекува дека скромната репрезентација на Полска ќе биде претерано ефикасна. Сепак, Левандовски учествуваше во 11 гола и асистенции на последните 14 натпревари, и не треба да се занемари тоа.
Артјом Довбик (Украина) – Прв напаѓач од сезоната 2009/2010, кој е најдобар стрелец во шпанската Ла Лига и притоа не е играч на Реал или на Барса. На последните 11 натпревари, тој учествуваше во 13 гола и асистенции.
Каи Хаверц (Германија) – Прероден како стартер на Арсенал, Хаверц запиша 12 гола и асистенции на последните 15 натпревари. Германија е домаќин, мора да се докаже, а Хаверц ќе биде главна опција во нападот.
Александар Митровиќ (Србија) – Уште еден играч кој за многумина е енигма, бидејќи игра во Саудиска Арабија. Сепак, таму успеа да засени еден Роналдо и со 12 гола и асистенции на последните 13 натпревари, го предводеше својот Ал Ахли до титулата. Тој потврди дека е во форма, па се очекува Србија да има „бомбардер“ во нападот.
Џанлука Скамака (Италија) – Веројатно, главниот столб на бранителот на титулата е во исклучителна форма. На последните 18 натпревари што ги одигра, напаѓачот на Аталанта учествуваше во 16 гола и асистенции.
СРЕДЕН РЕД
Џуд Белингем (Англија) – Како може да го немаш во својот тим најдобриот играч на европскиот шампион? Белингем не беше толку доминантен на крајот од сезоната како на почетокот и средината на сезоната, но, сепак, му помогна на Реал Мадрид да ја освои двојната круна со девет гола и асистенции на последните 15 натпревари.
Кевин де Брујне (Белгија) – Паузираше долго поради повреда, па на ЕП доаѓа многу посвеж од конкуренцијата. Притоа, од средината на март е во одлична форма со 10 гола и асистенции за англискиот шампион Манчестер Сити.
Бруно Фернандеш (Португалија) – И покрај просечните резултати на Манчестер јунајтед, Бруно имаше одлична индивидуална сезона. На последните 14 натпревари, имаше учинок од 15 гола и асистенции. Тој постигна и два гола на подготвителните натпревари за ЕП.
Фил Фоден (Англија) – Играч на сезоната во Премиер лигата е Фил Фоден, што доволно зборува за неговите квалитети. Ја заврши сезоната со 11 гола и асистенции на последните десет натпревари.
Букајо Сака (Англија) – Англија има исклучително продуктивни играчи од средниот ред во својот тим. Ќе биде многу тешко да се изберат играчи што ќе бидат во преден план. А, еден од нив е, веројатно, Сака, кој малку падна во формата кон крајот на сезоната, но, генерално, беше еден од најдобрите играчи во Премиер лигата. На последните 14 натпревари, има седум гола и една асистенција.
Бернардо Силва (Португалија) – Веројатно, многумина беа шокирани кога го прочитаа овој тим и помислија: „Дали воопшто играше оваа сезона?!“ Но, „тивкиот херој“ на Сити имаше 10 гола и асистенции на последните 15 натпревари.
Флоријан Вирц (Германија) – Најдобриот играч во Бундес лигата и лидер на неочекуваниот шампион Баер Леверкузен на последните 15 натпревари на кои одигра најмалку 45 минути, имаше 12 гола и асистенции. Нема дилема дека ќе биде клучен играч за Германија, па се очекува сличен негов настап како во клупскиот дрес и на ЕП.