Кога веќе нема да игра Македонија на Европското првенство во Германија, љубителите на фудбалот во нашата земја, сигурно, си избрале свој фаворит на шампионатот, а најчесто навиваат за некоја од балканските земји.

Во фокусот на љубителите на фудбалот од регионот се настапите на Хрватска, Србија и на Словенија, но колку научиле овие репрезентации од грешките претходно и дали ќе успеат да ги надминат очекувањата?

Со товарот на третопласирана селекција во светот, но и тоа што ова ѝ е седмо учество на ЕП од осамостојувањето, најмногу се очекува од Хрватска, и тоа со причина.

Процентуално, меѓу трите споменати репрезентации, Хрватите се единствените што реално може да се надеваат дека ќе се борат до самиот крај и доколку се укаже шанса, да „скокнат“ во трката за медал. На Словенците, пак, ова им е второ Европско првенство по осамостојувањето, како и деби на Србија, не сметајќи го настапот кога беа во заедничка држава со Црна Гора.

Последна шанса за „златната генерација“ на Хрватска

По освоените второ и трето место во светот во последните шест години, успехот на европска почва би бил шлаг на тортата за мандатот на селекторот Златко Далиќ. Тоа би било и круна на репрезентативната кариера за целата генерација на „коцкестите“, која во Германија ќе биде предводена од капитенот Лука Модриќ (39).

Од независноста, Хрватска само еднаш не успеа да се квалификува на ЕП, во 2000 година во Белгија и во Холандија, кога заврши на третото место во квалификациската група, зад СР Југославија (Србија и Црна Гора) и Ирска.

Ќе се навратиме 20 години наназад, на ЕП во Португалија, од каде што започна калемењето на една силна Хрватска во иднина. Тие го завршија настапот веќе во групната фаза. По двете ремија против Швајцарија (0:0) и Франција (2:2), на решавачкиот трет меч немаа лек за тогаш суперталентираниот Вејн Руни и претрпеа пораз од 4:2. Веќе во 2008 година, на првенството во Австрија и во Швајцарија, тие покажаа дека ја научиле лекцијата за првиот чекор и за групната фаза, остварувајќи ги сите три победи во групата со Германија, Австрија и со Полска и, како првопласирана селекција, се пласираа во четврт-финалето.

Генерацијата предводена од Славен Билиќ веќе најави дека ќе може да се означи како светска класа, а на патот до полуфиналето се соочи со Турција, на еден од најтрагичните натпревари во историјата на хрватската фудбалска репрезентација. Чист ролеркостер од емоции.

Голот на Иван Класниќ во 119. минута од играта ги доведе Хрватите на чекор до полуфиналето и кога се чинеше дека е готово, на патот им се испречи турскиот напаѓач Семих Шентурк, кој со гол во последните секунди го одведе натпреварот на пенали. Во пенал-рулетот, Турција имаше повеќе среќа и мина меѓу четирите најдобри селекции, додека Хрватска претрпи болен пораз.

Во Полска и во Украина во 2012 година, Хрватите, исто така, го завршија настапот на ЕП во групната фаза, бидејќи четирите освоени бода не беа доволни за минување на групата со Шпанија, Италија и со Ирска. Во третото коло, тие загубија од Шпанците со 0:1.

Четири години потоа, на првенството во Франција во 2016 година, повторно играа со Шпанија во групата, но и Турција и со Чешка. Успеаја да остварат две победи и едно реми и се пласираа во четврт-финалето, каде што ги чекаше Португалија. Лука Модриќ беше во животна форма, партнерството со Иван Ракитиќ на средината од теренот, Перишиќ и Манџукиќ во нападот им влеаја надеж дека, конечно, дошол моментот.

Полни со самодоверба и знаејќи дека во тој момент Португалија беше репрезентацијата која низ уши и со три ремија се пласираше во осминафиналето, доживеаја ново, тешко разочарување. Иако беа повеќе од рамноправен ривал, сонот за борба за медал беше прекинат со голот на Рикардо Кварезма во 117. минута. На кое ниво беа и колку многу потешки работи им се случија години подоцна, Португалија подоцна, во финалето, ја победи Франција и стана европски првак.

На крајот, на Европското првенство во 2020 година, кое се одржа со задоцнување во 2021 година, по пандемијата, Хрватска со многу мака ја мина групната фаза, заедно со Англија, Чешка и со Словачка. Со четири освоени бода, обезбеди осминафинале против Шпанија, но во вистински фудбалски спектакл и уште еден меч што ќе остане запаметен како трагичен, загуби по продолженијата со резултат 3:5.

Севкупно, низ годините, Хрватска испиша богата приказна на европските првенства и тоа е најсилното оружје што ќе го однесе на ЕП во Германија. И додека, од една страна, доживеа моменти за кои вечно ќе се зборува, како што се головите на Шукер и храбрата игра со најголемите, од друга страна, се соочи со големи разочарувања и со лекции за паметење.

Првенството во Германија во 2024 година, односно групата со Шпанија, Италија и со Албанија, всушност, ќе покаже колку се зрели и колку ги исполнуваат амбициите од кои никогаш не се откажале. Она што сигурно ќе му биде најсилно оружје на тренерот Златко Далиќ е фактот што ги има на располагање сите најдобри играчи, но и тоа што сите се свесни дека ова е, веројатно, последна шанса за една извонредна генерација.

Деби на Србија на ЕП

Ако Хрватска има богата историја на настапи на ЕП, за Србија настапот во Германија ќе биде прв на кој ќе се појави како независна држава.

Под името Сојузна Република Југославија, Србија и Црна Гора учествуваа при веќе споменатиот пласман во 2000 година, кога ја елиминираа Хрватска во квалификациската фаза. Во првото коло на ЕП 2000, на спектакуларен натпревар, ремизираа со Словенија со 3:3, со по два гола на Сава Милошевиќ на едната и Златко Заховиќ на другата страна. Југославија губеше со 0:3 до 67. минута и за само шест минути, со играч помалку, стигна до реми против Словенците.

Вратата кон четврт-финалето ја отвори Милошевиќ со својот трет гол на турнирот, кога ја победија Норвешка со 1:0, покажувајќи дека имаат квалитет да се натпреваруваат на тоа ниво. И покрај поразот од Шпанија со 3:4 во третото коло, во кое објективно ги покажаа слабостите, успеаја да се пласираат во четврт-финалето и да закажат натпревар со Холандија.

Натпреварот, кој се одигра на 25.6.2000 година во Феенорд, донесе апсолутна рапсодија на Холандија и убедлива победа со резултат 6:1, што го означи крајот на генерацијата предводена од Драган Стојковиќ, Синиша Михајловиќ, Саво Милошевиќ, Предраг Мијатовиќ и од Дејан Станковиќ.

Заедно со Црна Гора, репрезентацијата на Србија, во 2004 година, во група со Италија, Велс, Финска и со Азербејџан, не успеа да се пласира во понатамошната фаза.

Од 2006 година, кога стана Србија независна земја, оваа селекција четири пати не успеа да се пласира на ЕП, сè до годинашното првенство во Германија.

Под водство на селекторот Драган Стојковиќ, Србија успеа да го освои второто место во квалификациската група со Унгарија, Црна Гора, Литванија и со Бугарија, па, несомнено, со нетрпение очекува да се претстави во Европа. Репрезентацијата слична на онаа што играше на Светското првенство во Катар во 2022 година, ќе ја бара својата шанса да стигне до нокаут-фазата во група со Англија, Данска и со Словенија.

Најголемата надеж ја полагаат во тандемот што игра заедно во Саудиска Арабија – Александар Митровиќ – Сергеј Милинковиќ Савиќ, како и во ветеранот Душан Тадиќ, за кого, најверојатно, ова ќе биде последниот воз за некој медал со репрезентацијата.

Словенија се враќа по 24 години

За Словенија, настапот во Германија ќе биде втор на ЕП по осамостојувањето. Првиот и досега единствен настап во 2000 година заврши со две ремија против СР Југославија (3:3) и Норвешка (0:0) и со пораз од Шпанија со резултат 1:2.

Најблиску до место на ЕП дојдоа четири години подоцна, кога играа против Хрватска во плејофот, но со вкупен резултат 2:1 на два натпревара, претрпеа пораз и не учествуваа во Португалија.

По 24 години чекање, Словенија е во групата Х, со освоеното второ место и со 22 бода во квалификациската група со Данска, избори директен пласман во Германија.

Зад себе ги остави Финска, Казахстан, Северна Ирска и Сан Марино, што, во основа, покажува дека немаше премногу тежок пат. Од друга страна, вистинското лице на оваа селекција ќе го видиме веќе во групната фаза, и тоа против Англија, Данска и против Србија.

Со верба во тренерските и во тактичките способности на Матјаж Кек, како и во квалитетите на голманот Јан Облак и на суперталентираниот напаѓач на Лајпциг, Бенјамин Шешко, Словенците се надеваат дека, како аутсајдери, ќе може да ги вознемират противниците и да постигнат историски успех, односно пласман во нокаут-фазата.

ЕП 2024 ќе им даде можност на Хрватска, Србија и на Словенија да ги покажат своите фудбалски вештини и амбиции на меѓународната сцена. Хрватска, како искусна репрезентација со богата историја, има можност да го искористи спојот на искуство и на младост за, конечно, да влезе во борбата за медал и за да го потврди статусот на реномирана светска селекција.

На крајот, иако доаѓаат од иста европска клима, Хрватска, Србија и Словенија одат на ЕП 2024 со различни амбиции. Секој посебен и различен на свој начин, но сите со една универзална цел: да го покажат своето најдобро лице. На крајот, само теренот е репер за некаков успех, па останува да видиме кој најдобро ќе се снајде на теренот.