Водата во Охридско Езеро е првокласна, односно може да се користи за капење, спорт и рекреација, покажале резултатите од земените мостри на Центарот за јавно здравје од Охрид. Ова е одлична информација за сите посетители на Охрид пред почетокот на туристичката сезона.

Директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков, вели дека примероци од водата биле земени од 39 локации, од Свети Наум до Радожда, и сите се со одличен квалитет, освен една со втора класа. Тоа, според Точков, се должи на високата моќ на самопречистување на езерото, но не треба да се занемари фактот што реките што се влеваат во езерото (Велгошка, Коселска и Сатеска), носат вода со незадоволителен микробилолошки квалитет, а хемиски спаѓа на трета класа со што се потенцијални загадувачи на Охридско Езеро.

Точков посочува на цевка кај мостот кај Едриличарскиот клуб, која се влева во каналот Билјанини Извори. Хемискиот квалитет на водата земен од цевката покажал дека е од петта категорија, што значи дека го загадува езерото.

Тој истакна дека состојбата сега е ваква, но се очекува во јули и август пред сé заради поголемиот број на гости што ќе престојуваат покрај брегот и ќе го оптоварат колекторскиот систем, што е со ограничен капацитет, да има полош квалитет на водата.

– Во екот на сезона најголемо загадување е забележано во делот кај Трпејца и онаму каде што нема колекторски систем луѓето што ги користат тие капалишта се жалат на одредени кожни промени или стомачни тегоби. Не можеме да ја најдеме поврзаноста, но факт е дека тие објекти, селата од Пештани па нагоре не се вклучени во колекторскиот систем и отпадната вода оди во езерото. Лани имавме деградација на дел места кај Радожда, кај Калишта, во екот на сезоната, очекуваме и годинава да е така, нема колекторски систем, фекалните, отпадните води од куќите од објектите, угостителските објекти што опслужуваат гости завршуваат во езерото, некогаш тоа ќе се покаже, не секогаш може да се фати загадувањето, но тоа оди во езерото и тоа значи менување на флората и фауната во езерото – вели Точков за порталот Охрид.пресс.

Од Јавното претпријатие „Колекторски систем“ велат дека постојано се грижат за работењето на колекторскиот систем за заштита на водите на езерото.

– Покрај редовното одржување, согласно годишните програми за работа, ние од сопствени средства изработивме автоматизација скоро на сите препумпни места со што во целост е отстранета опасноста од излевање и влез на фекални води во водите на езерото без разлика што се’ уште многу е мал делот на одделеноста на атмосферската од фекалната вода со што се прави преголемо оптеретување на колекторскиот систем, а како доказ за тоа беа и неодамнешните невремиња кои го погодија овоај регион – соопштија од ЈП „Колекторски систем“.

Оттаму нагласуваат дека согласно добиениот грант од страна на Шпанската Влада изработена е техничка документација за проекти со кои целосно ќе биде затворена македонската страна од езерото, поточно пречистителна станица за селото Љубаништа, пречистителна станица за селото Радожда, нова пречистителна станица во Подмоље, исклучиво за охридскиот дел како и проект за реконструкција на постоечката пречистителна станица во Враништа.

– Ќе нема населено место чии фекални води нетретирани ќе бидат испуштани во езерото како до сега. Воедно сакаме да Ви укажеме и на проектот, кој исто така е изработен, а тоа е проект за собирање на фекалната канализација од селото Елшани и нејзино приклучување во постоечкиот колекторски систем – стои во дописот до медиумите.