– Преговорите за новата Влада привршуваат – во делот на формирањето владини ресори и во делот на, условно кажано, третиот ешалон и очекувам утре да го добијам мандатот од Сиљановска, по што, час поскоро, ќе го поднесам составот на идната Влада – изјави денеска мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој најави дека веќе се познати имињата на луѓето што ќе ги имаат клучните места во Владата, но не сакаше да даде повеќе детали, туку кажа дека јавноста наскоро ќе ги чуе имињата.
Единствено, како што рече, дилемата е околу тајмингот, бидејќи доаѓаат два големи празника, како и роденденот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Очекувам утре претседателката Сиљановска да го даде мандатот. Очекувам час поскоро да го поднесам составот на членови на идната Влада. Малку се размислуваме поради верските празници што се пред нас, Задушница и Рамазан, ќе треба да се води сметка и за тоа, така што ќе треба да нивелираме некои работи. Очекувам идната Влада да биде изгласана пред крајниот рок, дефиниран со закон и со Уставот – изјави Мицкоски.
Мицкоски, денеска, во Собранието, ги поднесе и измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со кој се предвидуват и нови министерства, но и префрлување на ингеренциите од едни министерства на други. Овие измени со кои ќе има 20 наместо досегашните 16 министерства се потребни за да се изгласа новата реорганизирана Влада и за да се изберат нејзините членови.
Измените ќе одат на брза лента. Мицкоски ги повика сите пратеници да го поддржат законот, најавувајќи дека е планирано расправата во Собранието да се одржи в петок, а тој да биде изгласан в понеделник, 11 јуни.
– Поднесувам предлог на закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ја барам поддршката на сите пратеници, без разлика на партиите. А, легитимитетот го темелам врз основа на изборните резултати на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Сиљановска-Давкова. Легитимитетот е јасен, кредибилитетот и легалитетот исто. Ова беше изборно ветување, идентично на она дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави идната Влада со опозициските партии, а денес се дел од владиното мнозинство – рече Мицкоски.
Со законот се предвидува отворање на министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане министерство за дигитална трансформација.
– Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките што треба да ги спроведе идната Влада за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот од годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и сето она што сме го ветувале во програмата. За да се спроведе сето ова, потребно е да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата – рече Мицкоски.
За да се донесат измените на овој закон, потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а, според калкулациите, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со „Вреди“ и ЗНАМ заедно има 78 пратеници. Деновиве, ДУИ остро го критикуваше ова законско решение, додека СДСМ беше воздржан и најави став откако ќе го видат законот.
На прашањето дали разговарале за поддршка од 80 пратеници, со оглед дека се носи законот со двотретинско мнозинство, Мицкоски рече дека не би сакал да влегува во дневна политика.
– Очекувам поддршка од сите парламентарни групи што се дел од овој собраниски состав. Претпоставките да ги оставиме настрана. Не сме наивни политичари да веруваме во случајност, во политиката ретко има случајност – изјави Мицкоски.
Тој најави и неколку други законски измени со кои се планира укинување на техничката Влада, како и интервенции во Законот за локална самоуправа, со цел доколку има трансфер на кадри од локалната во извршната власт, да се избегнат нови избори за градоначлници.Мицкоски повтори дека планира реформи и во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители.
-Тие треба сами да ги избираат судиите и да нема политичко „замешателство“, со цел да се вратат рејтингот и довербата во судството. Во спротивно, ќе тонеме во нашето политичко мочуриште и нема да одиме напред – изјави Мицкоски.
М.С.