Само неколку дена по изборот на Африм Гаши за собраниски спикер, поточно на 28 мај, во парламентот денеска се одржа прва координативна средба со претставници на пратеничките групи, на која се договараше кога парламентот би можел да ги донесе измените на Закон за организација на работата на органите на државната управа, со цел да се изгласа новата влада со реорганизирани ресори, а за што е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.
За да може да се оствари ова, најнапред во Собранието треба да се формираат комисии кои треба да ги разгледаат законите, а потоа да се закаже и пленарна седница за нивно изгласување.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, по координацијата изјави дека очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата и дека во меѓувреме треба да се договорат за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне, за да може Собранието целосно да биде функционално и овие закони да поминат низ соодветните комисии.
Овие измени, како што рече, се предизборно ветување што го дале на граѓаните и информираше дека при крај е целото законско решение и дека очекува деновиве тоа и официјално да биде поднесено.
-Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните. Во моментот ја имаме формирано само Верификационата комисија и Комисијата за прашањата на именувања и изборите. Потребни се и другите – Комисијата за политички систем, Законодавно-правната комисија и другите комисии за кои на денешната првична координација имаше разговори. Очекувам во текот на денот и наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално, изјави Мицевски.
И Гаши, деновиве, најави дека овие измени се приоритет и дека прва работа на новото владејачко мнозинство ќе биде да се најде двотретинско мнозинство што е потребно за нивно усвојување,
Нови министерства би биле оние за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровини. Дел од постојните треба да се трансформираат, па Министерството за економија ќе стане министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика би било министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.
Тоа значи дека за да се измени владиниот кабинет, како што е предвидено со изборната програмата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, освен од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, ќе треба да се обезбеди поддршка и од пратеници на другите партии.
На прашањето дали ќе тактизира со закажување на седницата или веќе се обезбедени 80-мина пратеници, Гаши рече дека измената на системскиот закон за реорганизација во Владата е речиси завршена работа.
– Ќе се потрудиме, заеднички со сите политички партии, да се договориме тој закон да биде еден од првите што ќе се постави на пленарната седница – изјави Гаши за РСЕ.
Инаку, оваа седница за измена на системските закони мора да биде свикана пред онаа за формирање на идниот владин состав, со оглед на тоа што во преговорите за распределба на ресорите во новата Влада, кои се во завршна фаза, а ресорите се веќе поделени според новиот дизајн.
На преговорите околу формирањето на новата Влада на тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Вреди“ и на ЗНАМ веќе е договорено како ќе изгледа распределбата на министерските места, но конкретните имиња на новите министри се очекува да бидат познати оваа недела, кога и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ треба да го добие мандатот за состав на владата.
Се очекува претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во секој момент да објави кога ќе го довери мандатот за формирање на новата влада, со оглед дека според роковникот тоа треба да се случи најдоцна до петок на 7 јуни.
Мицкоски, потоа, има рок од 20 дена да достави до Собранието предлог состав на Владата но според најавите, тој не планира целосно да ги искористи роковите, кои завршуваат најдоцна до крајот на идниот месец и новата Влада би можела да биде изгласана до 20 јуни.
Како и да остануваат уште пет дена до истекување на рокот за доделување на мандатот за формирање на новата Влада, по парламентарните избори на 8 мај.
Во меѓувреме по притисокот во јавноста и укажувањата на Државната Комисија за спречување на Корупцијата дека на денот на верификација на мандатите завршуваат функциите на премиерот и на министрите во владата денеска почна напуштањето на министерствата на дел од учесниците во техничката влада, која беше формиран 100 дена пред избори.
Откако уште минатата недела по конституирањето на Собранието прв министерската позиција ја напушти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и ја препушти на заменикот Назим Буши од ДУИ, денеска се огласи и Министерството за одбрана од каде што известија дека со верификацијата на пратеничкиот мандат на министерката Славјанка Петровска и завршува функцијата и дека до изборот на нов министер, со овој ресор ќе раководи заменик-министерот Тирон Јајага.
Вчера со функциите во извршната власт се збогуваа и неколкумина други функционери од СДСМ, меѓу кои министерот за земјоделство и шумарство Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочваровски, по што оттаму информираа дека со земјоделство ќе раководи заменичката Вјолца Бериша, а со транспорт Беким Реџепи.
Иако изборите се завршени, а техничката влада имаше функција да овозможи нивно демократско спроведување, меѓутоа техничкиот премиер Талат Џафери и техничкиот министер Илир Демири не заминаа од функцијата.
Џафери на конститутивната седница на Собранието, кој не одби неговиот мандат како пратеник да биде верификуван, најави дека ќе остане да седи и на премиерското столче до изборот на нова влада. Рече дека се дотогаш тој нема да учествува во работата на парламентот, сметајќи дека на тој начин нема да има прекршување на законите за неспојливост на функциите.
И министерот Илир Демири, исто така, изјави дека не се повлекува и рече дека тоа го прави од етички причини заради состојбите во Хирургија, нагласувајќи дека не може здравството да остане обезглавено додека не се разрешат и некои други состојби.
Во меѓувреме иако Џафери и Демири се и во пратеничките клупи и во извршната власт, никој во јавноста не открива дали тоа значи дека тие ќе добијат и по две плати од парите од државната каса.
Какао и да, во Владата до изборот на новиот кабинет на „Илинденска“ најмногубројни остануваат министри од ДУИ кои не добија пратенички мандати. И натаму технички министер за надворешни работи е Бујар Османи, а Јетон Шаќири од ДУИ го раководи образованието. Наим Бајрами е на чело на Информатичко општество и администрација, Крешник Бектеши ја раководи економијата, а Фатмир Бесими е и натаму технички министер за финансии. Вицепремиер и министер е и Артан Груби од ДУИ.
(М.С.)