Функцијата пратеник е неспојлива со функциите премиер и министер и тие престануваат на денот на верификација на пратеничкиот мандат, реагираше Државната комисија за спречување корупција откако, и по конституирањето на новиот парламентарен состав, техничкиот премиер и шестмина министри од ДУИ и од СДСМ своеволно одлучија да ги задржат и функциите во извршната власт до изборот на нова Влада во Македонија. Тоа практично значи дека Талат Џафери и министрите што станаа пратеници не само што веднаш треба да си заминат од „Илинденска“ туку, согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, треба да се соочат и со прекршочна санкција.
– По завршување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Државната комисија за спречување корупција, упатува соопштение и ги повикува избраните функционери да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот на Република Северна Македонија, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за Собранието и Изборниот законик. Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршењето други јавни функции или професии (член 89 став 5) – соопштија од ДКСК.
Оттаму појаснуваат дека според член 7 ст. 2, функцијата пратеник е неспојлива со вршењето други јавни функции или професии, утврдени со закон.
– Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции што ги избира и именува Собранието и Владата на Република Македонија, со член на советот на општина и градоначалник на општина, односно Градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа (член 9) – стои во соопштението од антикорупционерите.
Иако актуелниот технички премиер, Џафери, призна на конститутивната седница дека двете негови функции претставуваат судир на интереси, сепак, самиот одлучи да остане да седи и на премиерската и на пратеничката фотелја и, едноставно, да не учествува во работата на Собранието додека се формира новата Влада.
– Ја известувам јавноста да ги извести соодветните институции официјално дека, како премиер и како владин состав, врз основа на заклучокот на овој владин состав, ќе продолжам да ги вршам должностите и обврските што извираат од функцијата премиер на земјата до изборот на идната Влада од овој владин состав и нема да учествувам во работата на Собранието, и со тоа, врз основа на Законот за спречување или превенција на корупција и заради спречување на корупција и конфликт на интереси, затоа што не може во исто време да носам две должности, две функции. Поради оваа причина, до изборот на идната Влада нема да учествувам во работата на Собранието и во одлучувањето во Собранието за да ги исполнам законските одредби на Законот за спречување корупција и конфликт на интерес. Ова е за да се информираат сите, за да се надминат сите дилеми во однос на прашањето за понатамошното функционирање на институциите – рече Џафери во Собранието.
За неспојливоста на функцијата пратеник со која било друга јавна функција реагираа и експертите. Професорот по уставно право Денис Прешова, преку социјалните мрежи, порача дека менталниот склоп на Џафери е неспоив со демократијата, го обвини поранешниот спикер за ароганција и силеџиство и повика Собранието веднаш да постапи.
– Собранието мора веднаш да го извести Џафери за постоењето неспојливост на неговата пратеничка функција со функција во извршната власт и ќе му укаже дека престанала неговата функција претседател на Владата, а не нему да му остава да си толкува правни норми како што сака и како што му одговара – напиша Прешова на социјалните мрежи.
Освен Џафери, уште шестмина министри седат на две фотелји, а никој не споделува со граѓаните дали овие функционери ќе добијат на своето конто и две плати од нивните пари. И пратеници и министри се и Славјанка Петровска, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Илир Демири, Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски и Благој Бочварски. (В.С.Н.)