Дали ќе се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе добија пратенички мандати, а дел веројатно дека ќе се преселат во министерските фотелји. Градоначалниците на Гостивар и на Аеродором, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски, се меѓу оние кои се споменуваат дека ќе направат трансфер од локалната во извршната власт. Таравари како иден министер за здравство, додека за Муцунски досега се споменуваа неколку ресори, меѓу кои МНР и одбрана. Нивниот трансфер од градоначалничка во министерска фотелја ќе го отвори патот за нови градоначалници на двете општини, што веќе е случај и со Општина Сарај, чиј досегашен прв човек, Блерим Беџети, стана пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.
Таравари сè уште нема донесено дефинитивна одлука и вели дека ќе ја соопшти в понеделник, а доколку стане министер, него би требало да го замени еден од советниците во општината. Но, потенцијалниот нов министер за здравство Таравари вели дека доколку треба да се оди на предвремени избори за градоначалник, тој нема да ја прифати министерската функција, бидејќи не би било праведно кон граѓаните повторно да одат на избори.
– Дилемата е дали вреди да се оди за една година двапати на избори? 35.000 луѓе во Гостивар да излезат да гласаат во ноември оваа година и во октомври следната година, мислам дека е нечесно. Така што, ако остане актуелниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам тука. Единствената причина што ме колеба е таа дека не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година двапати да излезат да гласаат, вели Таравари.
Експресно реплицираше генералниот секретар на АА и министер за правда во заминување, Кренар Лога.
-Вистината за лажните моралисти е дека тие ќе се повлечат од функцијата градоначалник бидејќи ВМРО-ДПМНЕ им вети законски измени, објави Лога.
Според него, за неколку дена, законот ќе се промени и наместо предвремени избори на локално ниво, ќе имаме вршители на должност до редовните локални избори.
Новоизбраниот претседател на Собранието, Африм Гаши, во интервју за Радио Слободна Европа најави дека она што идните коалициски партнери сакаат да го решат меѓу првите прашања е и да се избегнат предвремени избори за градоначалници во општините чии актуелни први луѓе може да се преселат во министерските фотелји.
Па така, според собранискиот спикер, меѓу првите точки што ќе се најдат на дневен ред пред новиот парламентарен состав ќе бидат законски измени со кои ќе се реализира планот за воведување нови и трансформација на постојните министерства, но и измени на законската регулатива, со што ќе се спречи одржување на предвремени локални избори во овие општини во кои има трансфер на првите луѓе.
„Сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за пет, шест месеци и после за седум, осум месеци пак да има избори. Мислам дека не е во ред и спротивно е на Уставот некој да се избере со четиригодишен мандат, а некој да се избере со исти гласови на избори со мандат од осум месеци. Мислиме дека е неуставно и треба да се поправи со закон кој ќе овозможи тоа да биде можно“, вели Гаши за РСЕ. За измени на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство. Актуелните законски прописи предвидуваат дека предвремени избори за градоначалници не се спроведуваат само ако до редовните има помалку од шест месеци, а редовните се во октомври идната година. Токму во тој дел би се правеле законските измени.
Прашањата за градоначалниците и предвремените локални избори ги регулираат Изборниот и Законот за локална самоуправа. Станува збор за членот 16 од Изборниот и за членот 54 од Законот за локална самоуправа, кои би биле предмет на евентуалните измени со оглед дека тие ја содржат одредбата дека предвремени избори не се организираат само ако до редовните има помалку од шест месеци.
Во Законот за локална самоуправа до распишување на нови избори сега е предвидено дека општинскиот совет треба да избере в.д. градоначалник од сопствените редови.
Законски измени за повеќе министерства
Измената на системскиот закон за реорганизација во владата е речиси завршена работа. „Ќе се потрудиме заеднички со сите политички партии да се договориме тој закон да биде еден од првите што ќе се постави на пленарната седница“, вели Гаши за РСЕ.
Нови министерства би биле за спорт, за дигитална трансформација, и за енергетика, рударство и минерални суровини. Дел од постоечките треба да се трансформираат, па Министерството за економија ќе стане Министерство за економија и труд, а досегашното Министерство за труд и социјална политика би било Министерство за социјална политика, демографија и млади. Во Министерството за култура ќе се додаде и секторот туризам.
Стокмен првиот ешалон
Во меѓувреме продолжуваат преговорите помеѓу потенцијалните партнери во идната Влада околу кадровските решенија. Партиските извори брифираат дека идната недела, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го врачи мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски. Преговорите, според наши извори се речиси завршени, комплетиран е првиот ешалон, а се прецизира и вториот и третиот. Според последните, непотврдени информации, ВМРО-ДПМНЕ е веќе извесно дека зема 11 министерства, меѓу кои и клучните ресори со кои ќе раководат кадри од партијата на Мицкоски, а како имиња се споменуваат партиските потпретседатели. Од владиниот партнер, коалицијата Вреди, функцијата прв вицепремиер ќе ја извршува Изет Меџити, кои истовремено ќе биде и министер за животна средина. Адмирим Алити ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, актуелниот претседател на советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши, ќе раководи со Министерството за економија и труд, а Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика. Во ресорот здравство се очекува Арбен Таравари. За вицепремиерското место за добро владеење изборот треба да падне помеѓу Бујаре Абази и Арбен Фетаи. Движењето ЗНАМ, најверојатно ќе ги добие министерските столчиња во правда и администрација.