Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, кој им ги додели наградите на победниците, на свечено украсената сцена и пред ТВ-камерите, истакна дека „Фолк-фест Валандово“ не е само валандовска гордост туку и национална, интернационална и, пред сè, македонска вредност
Спектакуларно и незаборавно, впрочем како и секоја година во ова пролетно време, во Градот на Калинките заврши уште едно успешно издание на „Фолк-фест Валандово”. Овој пат присуствувавме на неговото 37. издание. Беа исполнети 20 нови фолк македонски мелодии, секоја од нив со цел да стане народен хит. По можност да ги повтори успесите на „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Како да ти кажам, мила, остани“, „Пејте, пејте, еј мераклии“ или „Една песна јас да запеам“. И имавме некои нови хитови, без разлика на тоа што речиси сите беа испеани од релативно нови, надежни пејачи од Македонија.
–
Без право некој да ни се налути, ние за најголем хит меѓу двата фестивала, до наредното 38. издание, типуваме на песната „Мерак живот балкански“, која одлично ја донесе до публиката распеаниот Дацe. И стиховите напишани од познатата Анита Даева лесно се паметат, особено рефренот, што, секако, е едноставна формула песната да стане омилена кај народот. Па ќе видиме.
Меѓутоа, кога се собраа сите гласови, победата на „Фолк-фест Валандово 2024“ ја однесе Ангела Влинтовска со баладата „Темјана“, која настапи под редниот број осум. Убаво пееше Ангела, има убав, пријатен глас, фина интерпретација со која не ја заморува публиката, а и прекрасно изгледаше на сцената. Сите честитки за неа и за авторите на песната – Ванчо Димитров за музиката, Огнен Неделковски за текстот и Љупчо Соколовски за аранжманот. Второто место ѝ припадна на песната „Љубовта е оган“ со мошне интересниот дует Софија Пуровска – Никола Зацески, додека третото место го освои песната „Го чекам аберот“, испеана од Габриела Новевска. Според нас, одлични интерпретации и песни што ќе останат да се слушаат имаа и: Мишко Крстевски, Лени Партикова, Јованка Јо, Борче Наумовски-Министерот, Марио Петрушевски, Живе Мешуровски, Ивана Стојановска, Бојан Палиќ, Сашо Башевски…
–
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, кој им ги додели наградите на победниците, на украсената сцена и пред ТВ-камерите, истакна дека „Фолк-фест Валандово“ не е само валандовска гордост туку и национална, интернационална и, пред сè, македонска вредност. – Нема македонска веселба што поминува без песни кои се испеани и кои почнале на оваа фестивалска сцена, во Валандово. Секоја година, па и оваа, на водечкиот фестивал во државава му дадовме еден посебен шарм – нагласи гостопримливиот градоначалник.
–
–
–
Освен во натпреварувачката вечер, Валандово и валандовската публика, во рамките на фестивалот, заедно со многубројните гости и туристи, уживаа во концертните настапи на: Драган Мијалковски, Кирил Џајковски, Благица Калева, групата „Ареа“, Перо Христов, Влатко Лозановски и Игор Џамбазов. Оваа година изостанаа пејачите од поранешните југословенски републики, кои, инаку, беа редовни учесници. За едни, тоа е голем пропуст на организаторите, а за други е одличен потег за да ѝ се даде предност на домашната музичка сцена.
—
–
Весникот ВЕЧЕР (заедно со порталот vecer.press) и оваа година беше еден од поважните фестивалско-медиумски помагатели и пријатели. Сепак, единствена искрена замерка е тоа што, „кој знае од кои причини“, немаше место во стручното жири (овој пат) за претставникот на ВЕЧЕР, како најчитан и најтиражен македонски дневен весник, македонски печатен медиумски бренд, кој постои шест децении и професионално ги следи сите музички настани во Македонија. Со особено задоволство „Фолк-фест Валандово“! A, популаризирајќи го така фестивалот. Секогаш присутни на самото место.
–
–
–
–
Традиционално, Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев, како водители, и овој пат успешно си ја завршија работната обврска. Фестивалот го водеа мошне симпатично, како што, впрочем, прилега на вистински професионалци. Дуле МИЌИЌ