Прв собраниски час, Гаши избран за нов спикер

Африм Гаши е новиот претседател на Собранието. Со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, претседателот на Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, беше предложен за нов собраниски спикер, а избран е со 176 гласа ЗА и 6 против. Собранието, денеска, во рамки на конститутивната седница, ги верифицира мандатите на 118 пратеници. Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав. На новите пратеници, кои се носители на други функции, исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата, заради што Владата ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новиот владин состав. Талат Џафери, кој ја извршува функцијата премиер во техничката Влада, рече дека не може да има две функции во исто време и дека од таа причина нема да учествува во работата на Собранието до изборот на новата Влада

670

Денеска во македонското Собранието, Африм Гаши, од коалицијата Вреди, е избран за претседател  на највисокиот законодавен дом. За неговиот избор, освен од коалицијата Вреди, гласаа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и Движење ЗНАМ, кои претходно се потпишаа за негова кандидатура. „За“ гласаа 76 пратеници а шестмина беа против. Претставниците од ДУИ пред гласањето ја напуштија пленарната сала.

Ова беше епилог од првата конститутивна седница, на која им престана манадатот на пратениците од стариот состав и беа потврдени мандадите на новите, вкупно 118 пратеници. За преостанатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда (22 мај) сè уште течат жалбените постапки. Во исто време, претседателот на движењето Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, претставник на коалицијата Вреди достави изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат.

Инаку, конститутивната седница во Собранието почна околу 11 часот и со неа претседаваше најстариот пратеник од новиот состав Мерита Колчи Коџаџику, која констатираше дека се присутни 117 од вкупно 120 пратеници.

На дневен ред првата точка беше избор на верификациона комисија со која раководеше Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ. Левица бурно реагираше поради тоа што во комисијата нема нивен претставник. Расправата по сите точки на дневен ред продолжи со ист тон.

Во делот од расправата за избор на новиот претседател на Собранието, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, обвини дека со избор на Африм Гаши се врши косоваризација на државата зашто, како што рече, противуставно е да се зборува на друг јазик освен на македонски кога се заседава со седници. Тогаш обзанани дека ќе гласаат против.

-Очекувањата се за косоваризација на државата како што си ги гласавте, тоа се очекувањата. Ние би дале поддршка од нашите шест да не биде Албанец претседател на Собранието. Отворено го повикуваме Мицкоски, бланко поддршка на невидено само да не биде косоваризиран повторно македонскиот парламент, рече Апасиев.

Коментирајќи ја изјавата на Левица дека ќе дадат поддршка на невидено за новата влада само ако Африм Гаши не биде претседател на Собранието, Мицкоски рече дека нема да го коментира Апасиев.

-Тој пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Но, одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива – дали на Хургада или на некоја грчка плажа. Како што изјави еден од неговите поранешни сопартијци дека „тие биле една група на џанаци“, така ѝ продолжува да се однесува, рече Мицкоски.

Пред конститутивната седница на Собранието, Ријад Шаќири од Коалицијата „Вреди“. изјави дека очекуваат поддршка од ДУИ за Африм Гаши да биде избран за претседател на Собранието.

-Природата на нештата покажа дека опозицијата секогаш гласала против изборите на мнозинството. Но, во случајов, кога ние како Алијанса бевме дел од Собранието, кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, ние дадовме поддршка, затоа што се работеше за претседател на Собрание, првпат Албанец, и очекуваме од нивна страна да има таква поддршка, рече тој.

Претседателот на ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, кој доби пратенички мандат, но исто така е и градоначалник на Куманово, пред почетокот на  конститутивната седница на Парламентот, изјави дека како потенцијален партнер во идната влада ЗНАМ очекува од овој парламентарен состав многу.

Во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 има коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ брои 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ има 14, а Левица и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ имаат по шест пратеника.

Предлогот за избор на Африм Гаши за претседател на парламентот доаѓа по преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди за коалицирање во идната влада, а Гаши еден ден пред седницата поднесе и неотповиклива оставка од функцијата претседател на партијата Алтернатива, со оглед дека според Уставот, претседателот на Собранието не може да биде и претседател или функционер на политичка партија

Инаку, извори од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, деновиве брифираа дека веќе е договорено веднаш по конститутивната собраниска седница меѓу првите закони кои ќе бидат предложени да биде измена на Изборниот законик. Целта е да нема предвремени избори за избор на градоначалник во случај ако тој е избран за пратеник или, пак, биде избран за министер. Така Арбен Таравари и Тимчо Муцунски може веднаш да бидат избрани за министри за здравство, односно за одбрана, а на нивно место да се избере вршител на должност градоначалник на Гостивар, односно на Аеродром. Ако ова е договорено, тогаш и градоначалникот на Сарај од ДУИ, Блерим Беџети, може да стане пратеник. Со ова партиите што имаат актуелни градоначалници нема да ги изгубат општините при предвремени избори за градоначалник. (М.С.)