Кој се богати на грбот на земјоделците и граѓаните – доматите се откупуваат по 20, а се продаваат по 60 и 100 денари за килограм

Земјоделците од Струмичко протестираат поради ниската откупна цена на доматот. Тие бараат повисока откупна цена за доматите, кои во моментот достигнаа цена од 20 до 25 денари за килограм, стопирање на увозот од Албанија и контрола на откупните центри кои ги откупуваат земјоделските производи под производствена цена. Земјоделците бараат да се одреди реална откупна цена која ќе биде прифатлива за земјоделците, трговците и граѓаните. Со цел трговците да не се богатат на грбот на земјоделците, а граѓаните да не плаќаат високи цени за домашниот зеленчук

5017

Земјоделците од Струмичко протестираат поради ниската откупна цена на доматот. Тие бараат повисока откупна цена за доматите, кој во моментот достигна цена од 20 до 25 денари за килограм, стопирање на увозот од Албанија и контрола на откупните центри кои ги откупуваат земјоделските производи под производствена цена. Земјоделците бараат да се одреди реална откупна цена која ќе биде прифатлива за земјоделците, трговците и граѓаните. Со цел трговците да не се богатат на грбот на земјоделците, а граѓаните да не плаќаат високи цени за домашниот зеленчук.

– Моментално откупната цена на доматите е 25 денари, а се очекува да падне на 20 денари. Оваа цена не ја отсликува реалната состојба, односно производствената цена е повисока од откупната. Во моментот има голем увоз на домати од странство кој никој не го контролира. Во државата влегуваат големи количини на земјоделски производи со сомнителен квалитет и покрај тоа што имаме доволно домашно земјоделско производство. Нашите барања до надлежните институции е под итно да се запре увозот на домати, да се стави контрола на откупните центри и да се дефинира производствената цена и да се најде реална откупна цена која ќе биде прифатлива за земјоделците, трговците и граѓаните со цел да се обезбеди економска одржливост и квалитет на земјоделското производство, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, од Националната земјоделска мрежа.

Тој додава дека Националната земјоделска мрежа во наредниот период активно ќе се вклучи во преговори со институциите со цел да се изготви развојна стратегија за домашното земјоделство и да се извршат промена на законската регулатива во интерес на земјоделците.

-Ние минатата година потрошивме 900 милиони евра за увоз на земјоделски производи, а се декларираме како земјоделска земја. Го уништивме и тоа што го имаме, бидејќи земјоделците работат под производствена цена. Проблемот не е само со доматите, туку и со младиот компир, зелката која половина остана на нивите. Речиси кај сите земјоделски производи проблемот е ист, ниски откупни цени, а високи малопродажни цени. Ова е доказ дека многумина во државата се богатат на грбот на земјоделците. Тој тренд мора да се промени за да не се запусти земјоделството, а Македонија да стане зависна од увоз на храна, вели Каракашев.

Иван Вангелов од Националната федерација на фармери за весникот ВЕЧЕР вели дека причината за ниските откупни цени е големиот увоз на домати од Албанија.

-За овој период од годината откупната цена на доматот да биде 20 денари за килограм не е нормално и е многу понижувачко. Она што се носи на пазар се уште е оранжериско производство, а тоа е поскапо од производството на отворено. Поради тоа не е логично во овој период цената на доматите толку да падне. Во овој момент откупувачите ја спуштаат цената, бидејќи има поголеми количини и увоз од надвор. Државата треба да поведе сметка и да го заштити домашното производство. Исто е и со другите земјоделски култури, кога има поголемо производство и увоз од надвор цената паѓа. Пазарот ја диктира цената, вели за весникот ВЕЧЕР, Вангелов.

Според него, нејасно е како албанскиот домат е поевтин од нашиот кога истиот за да се произведе потребно е ѓубрива, препарати, работна рака, транспорт….

Земјоделците од Струмичко се очајни и не знаат дали она што ќе го произведат ќе го продадат и по која цена.  Откупните цени на доматите, краставиците, пиперките, зелката се преполовија и се пониски од производствените. Земјоделците велат дека од старт се во загуба и немаат веќе есап да ги садат нивите. Земјоделство кое е уништено од лошите земјоделски политики.

Земјоделските експерти се надеваат дека ќе се стави ред на хаосот со цените на земјоделските производи и оти на земјоделците соодветно ќе им се плаќа родот, а граѓаните нема да го плаќаат прескапо.

-Со цените се манипулира со години наназад. Се надеваме дека конечно ќе се стави некој ред со цените на земјоделските производи. Се надеваме дека Владата ќе ги стави на иста маса земјоделците, откупувачите и трговците и ќе се најде решение. Не може трговците да остваруваат високи профити, а земјоделците да не можат да ги покријат ниту производствените трошоци. Сега со овие откупни цени се во загуба, што е понижувачки, вели за весникот ВЕЧЕР, Илија Каров, универзитетски професор.

Пред десетина дена протестираа и жителите на Иловица и Штука кои се незадоволни од откупната цена на младиот компир.

Годинава лошо мина и откупот на зелката, здруженијата на произведувачи велат дека околу 40 проценти од производството останало во нивите.

До неодамна во маркетите килограм пипер се продаваше по 250 денари, а доматите по 150 денари. Овие цени беа несфатливи за граѓаните кои сметаат дека барем во Македонија овие производи треба да бидат поскапи.  Можеби во Шведска или Норвешка овој производ чини толку, но таму луѓето секако не живеат со 20.000 денари месечно, коментираа граѓаните.

(А.С.)