Новоизбраните пратеници утре седнуваат во пратеничките столчиња. Актуелниот собраниски спикер Јован Митревски, за во 11 часот ја закажа првата седница  на Собранието во нов состав по парламентарните избори што се одржаа на 8 мај и по прегласувањето во петтата и шестата изборна единица.

Конститутивната седница, до изборот на новото раководство ќе ја води најстариот избран пратеник од новиот состав, Мерита Колчи Коџаџику, која минатата година си замина од ДУИ и се придружи на албанските опозициски партии од коалицијата Вреди. На дневен ред е избор на претседател на Собранието, а покрај избор на претседател на Собранието по правило на конститутивната седница се врши избор на членови на Работните тела на парламентот. Според деловникот, утре најпрво треба да се изберат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа да се верификува мандатот на пратениците.

Според деловникот, оваа седница може да трае најмногу три дена, а новиот претседател на Собранието, кој веројатно ќе биде Африм Гаши, лидерот на Алтернатива од коалицијата Вреди, може да се избере и порано од тридневниот рок.

Познат е и новиот состав на македонскиот парламент кој треба да работи во интерес на граѓаните, во наредните 4 години, со оглед дека по прегласувањето на дел од избирачките места, Државната изборна комисија ги објави и првичните променети резултати, иако сè уште ќе се расправа по приговорот на ДУИ за избирачкото место во Желино.

Во Собранието на Македонија, утре, во салата треба да бидат вкупно 120 нови пратеници од кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија имаат 58 пратеници, СДСМ и коалицијата За европска иднина 18 пратеници, ДУИ и коалицијата Европскиот фронт 18 пратеници, коалициајта на албанските опозициски партии Вреди 14 пратеници и партиите ЗНАМ и Левица кои имаат по шест пратеника.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои освоија најмногу, односно 58 мандати ќе бидат најбројната политичка сила во Собранието.

На пратеничките столчиња на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе биде најбројна политичка сила во парламентот на првиот работен ден меѓу другите ќе седнат Дафина Николоска, Александар Велјановски, Валентина Марчевска, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Дејан Проданоски, Зоранчо Јованчев, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Златко Пенков, Моника Трајанова, Јулија Тушевска, Жан Дрвошанов, Петар Марков, Билјана Кузманоска, Ѓорѓија Сајкоски, Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска, Грација Бакраческа,Никола Мицевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Никола Коњановски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Душко Иванов, Александар Јамалов, Драгана Бојковска, Емил Спасовски, Драгана Арсова. За првпат во пратеничка клупа на ВМРО-ДПМНЕ ќе седнат и поранешниот студентски лидер и досегашен советник во општина Кисела Вода, Иван Живковски и портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Коалицијата За европска иднина, предводена од СДСМ, која освои речиси тројно помалку гласови на изборите во  Собранието ќе биде претставена со само 18  пратеници што е најмалку во историјата на оваа партија.

Во новиот парламентарен состав СДСМ ќе го претставуваат повеќемина поранешни функционери, меѓу кои се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, поранешната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, како и шестмина други министри од последната влада. како министрите за земјоделство, култура, одбрана, и за транспорт и врски Љупчо Николовски, Бисерка Костадиновска-Стојчевска, Славјанка Петровска и Благој Бочварски. Во новиот пратенички состав ќе биде и неврохирургот и поранешен министер за здравство, Венко Филипче.

Во собранието од поранешните функционери на СДСМ како  опозициски пратеник влегува и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој деновиве си поднесе оставка од лидерската функција во партијата.

Како пратеник во Собранието ќе влезе и Моника Зајкова од ЛДП, но не во пратеничката група на СДСМ туку таа ќе дејствува независно. Независно ќе дејствуваат и двајца пратеници од НСДП, Горан Мисовски и Соња Мираковска.

И Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ во Собранието има  18 мандати, а коалицијата Вреди 14 мандати.

И Демократската унија за интеграција (ДУИ) се соочува со мала застапеност во Собранието, поради ниската застапеност во „Европскиот фронт“, каде што според  објавите во медиумите, тие учествуваат со само 8 од 18 пратеници.

Па така идниот собраниски состав од ДУИ и Европскиот фронт меѓу другите ќе го претставуваат Али Ахмети, Талат Џафери, Илире Даути, Мендух Тачи, Рина Ајдари, Бејџан Илјас, Илир Демири, Сали Мурати, Фатмире Исаки, додека албанскиот електорат од Вреди во Собранието ќе го претставуваат Беким Ќоку, Мимоза Муса, Халил Снопче, Фатмир Лимани, Саранда Имери-Стафаи и Садик Сулејмани.

Место во парламентарниот состав обезбедија и партијата Левица и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија кои имаат по шест пратеника. Во Собранието на столчето на ЗНАМ  ќе седнат поранешна социјалдемократка и пратеничка Весна Бендевска, а друштво од утре ќе и прават и Павле Арсоски, Бобан Карапејовски, Даниел Стојчевски, Даниела Белимова и Миле Цеков. Пратеници на Левица се Димитар Апасиев, Реџеп Исмаил, Борислав Крмов, Амар Мециновиќ, Сашко Јанчев, Јована Мојсоска.

Но, сите пратеници кои добија мандати нема да останат во пратеничките клупи со оглед дека дел од нив ќе заземат позиции во Владата, но и во други државни органи.

Во пленарната сала утре за првпат пратенички мандат ќе добие и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој сепак нема да се задржи долго во законодавниот дом, со оглед  дека тој, деновиве  од претседателката на Македонија ќе го добие мандатот за состав на нова влада.

Во новиот состав на парламентот ќе бидат лидерите на сите партии (освен на ЗНАМ) и членовите на раководствата на партиите со оглед дека тие ќе бидат министри и заменици министри во идната Влада која треба да ја состави Мицкоски.

Откако ќе се конституира новото Собрание, Македонија ќе биде чекор поблиску и до новата влада со оглед дека почнуваат да течат роковите за формирање на влада.

Откако ќе се конституира собранието, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, е должна во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.

Согласно роковникот, мандатарот, во случајов Христијан Мицкоски, чија партија победи на изборите, новата влада треба да ја состави во рок од 20 дена, откако Сиљановска ќе му го довери мандатот.

Ако се земат предвид овие рокови, тоа би значело дека новата влада треба да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. За да добие мандат да состави влада, партијата односно коалицијата треба да има 61 пратеник.

Мицкоски деновиве кажа дека покрај 58 пратеници на коалицијата Твоја Македонија, што ги освоија на изборите на 8 мај, веќе има точно 61 пратеник и со тоа и мандат за состав на влада.

Според сегашните математики,со 13 пратеници на коалицијата Вреди, ВМРО-ДПМНЕ, би имал 74 пратеници во Собранието, а доколку се приклучи и ЗНАМ на Максим Димитриевски, со своите шест пратеници, ќе има и двотретинско мнозинство.

М.С.