Еднодневен марш за Рацин

41

Во организација на еколошката групација „Грин пауер“ од Велес, по повод 81 година од смртта на великанот Коста Солев Рацин, на деветти јуни ќе се одржи традиционалниот еднодневен марш. На маршот ќе учествуваат 30-мина велешани, а ќе им се придружат и учесници од Битола, Скопје, Куманово, Штип, Прилеп, Росоман.

Маршот ќе започне во 7 часот, во селото Извор, пред полициската станица, а лиценциран туристички и планинарски водич ќе ја води групата. Групата ќе биде обележана со официјалното знаме на Општина Велес, кое ќе се носи постојано во текот на маршот.

– Традиционално, очекуваме на самото место да се приклучат неколку организирани групи планинари од Битола, Прилеп, Кичево и од Скопје. Групата ќе пристигне на врвот Стог, на Лопушник, околу 11 часот и ќе се положи цвеќиња пред споменикот на Коста Солев Рацин, заедно со претставници на Општина Велес и сите присутни учесници и планинари – соопштуваат организаторите.

Тие додаваат дека е предвидено поетско читање на врвот, на делови од песните на Коста Солев Рацин и на дел од авторските песни кои му се посветени нему, а кои во 2019 година, во чест на шестдневниот Марш за Рацин, ги напишаа учениците од ОУ „Илија Лумбарковски“ од Новаци, Општина Битола.

Предвидена е и посета на местото на загинувањето на Рацин, каде што планинарите ќе положат свежи цвеќиња и ќе запалат свеќи.

Патеката Извор – Долни Лопушник – Лопушник (не преку Свински Дол) во еден правец е долга 12 километри и, со вообичаените паузи, се минува за околу пет часа.
Се оди претежно по широк, земјен пат, кој некаде е, повеќе или помалку, обраснат, а има и кратки, по козја патека. Маршрутата, речиси по целата должина, минува низ шума.

– По тежина е средно тешка и постепено качува од Извор кон Лопушник, но нема некој подолг потег, со многу големо наклонување. Има вода на речиси еден час од стартот, во месноста Лекоита Вода, но таа чешмичка со света вода има многу мал проток, можно е да пресушува во подолги сушни периоди – предупредува организаторот и нагласува дека е задолжително носење мантил за дожд или водоотпорна јакна и високи, добро разгазени планинарски чизми.