– Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекаше некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем прашалник и бараме итна средба со новата Влада за да ги решиме состојбите. Ова денеска го изјави Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта.

Синдикатите денеска организираа протест во сите подружници на Македонска пошта за да ги изразат револтот и загриженоста за иднината на компанијата и за зачувување на своите работни места, затоа што подолг период се соочуваат со огромна финансиска криза и со лоша организација на работењето.

– Она што го бараме со години е да се започне веднаш и неодложно со нови реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот да не функционира државна пошта, односно да не постои – истакна Велигденов.

Синдикатите сметаат дека не се потребни 15 подружници со 15-мина директори и илјада нивни соработници, туку дека им требаат работници во технолошкиот процес за да бидат задоволни граѓаните од нивните услуги.

– Идната Влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое добива од нас добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност кон другите оператори што вршат неконкурентно и нелојално доставување пратки – истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.

Исто така, побараа да се престане со партизираната кадровска политика, која ја уништила Македонска пошта, а е најавен и штрајк за по 7 јуни.

– Да не носат неспособни кадри и менаџери во компанијата, да се насочат вработените кон технолошкиот процес за да генерираме поголеми приходи и самостојно да можеме да функционираме и редовно да исплаќаме плата. Како што најавивме минатиот месец, влегуваме во процес на штрајк бидејќи го допревме дното и немаме што да загубиме како вработени. Согласно со законските регулативи, штрајкот ќе се одржи по 7 јуни. Ќе бидеме истрајни до крај, ќе се бориме за опстанок на Македонска пошта – рече Велигденов.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија – СГИП, Иван Пешевски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека новата Влада ќе ја пречекаат низа штрајкови токму поради неисплатени плати.

– Ќе штрајкуваат вработените во АД Водостопанство, Пошта, јавното претпријатие „Национални шуми“ и други јавни претпријатија во кои доцнат платите по неколку месеци – додаде Пешевски.

(С.Бл.)