По парламентарните избори на 8 мај, утре се спроведува прегласување на седум избирачки места во рамките на петтата и на шестата изборна единица. Се прегласува на избирачките места во Желино, Крушево, Охрид, Долнени, како и во Струга.

Поточно, се спроведува прегласување на избирачките места 2101 во Желино, 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени, како и 1844 во Струга.

Право на глас на овие избирачки места имаат вкупно 4.521 гласач.

На избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи; на избирачкото место 1194 во Крушево 470 избирачи; во 1202, исто така во Крушево, 298; во 1272 во Охрид – 712; во Долнени, на избирачкото место 1470 – 659; во 1470/1 – 634 и на избирачкото место 1844 во Струга – 755 избирачи.

Денеска, први гласаа болните и изнемоштени лица на избирачки места во Охрид, Крушево, Струга, Долнени и во Желино, па поради прегласувањето на овие избирачки места, важеше обврската за предизборен молк, кој треба да заврши утре по 19 часот, односно до затворање на избирачките места.

Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од Управниот суд, од каде што посочија дека тужбите на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори на овие избирачки места.

Со прегласувањето, на парламентарните избори за новиот законодавен дом, кој го сочинуваат 120 пратеници, може да дојде до промена на евентуално два пратенички мандата, и тоа по еден во петтата и во шестата изборна единица.

Државната изборна комисија денеска на овластени партиски претставници им ги додели уверенијата за пратеници што влегуваат во новиот Парламент, по изборите што се одржаа на 8 мај.

ДИК ги соопшти освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав на 18 мај и тогаш претседателот на ДИК, Александар Даштевски, информираше дека со посебен заклучок ќе го објават дополнителниот број освоени мандати по прегласувањето на неколку избирачки места во рамките на петтата и на шестата изборна единица.

Во Македонија, пред 10 дена, на 8 мај се одржаа парламентарните избори, заедно со претседателските, а за нов Парламент, право на глас имаа 1.815.350 избирачи.

За нов состав на Парламентот учествуваа 17 партии и коалиции.

Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни и треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник, од вкупно 120 во Собранието. Новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

М.С.