ВНИМАВАЈТЕ: Нова измама, Владата не дели по 6.150 денари на граѓаните!

369

Измамнички пораки со линк кој носи до лажна веб страна на Влада ги празни сметките на граѓаните. Доколку ви стигне СМС порака од странски број со содржина дека од Владата ќе добидете 100 евра помош за да се намали инфлацијата и доколку кликете на линкот ве носи на лажен сајт на Владата каде треба да ги споделите информациите од банкарските сметки.

Вакви пораки во име на Владата, преку СМС пораки стигнаа до многу наши граѓани, а колку наседнаа на оваа лажна порака, се уште е непознато.

Граѓаните со кои контактиравме добиваа СМС и други пораки дека наводно може да добијат 6.150 денари доколку на линкот: https://vlada-mk што им е испратен ги остават своите лични податоци.

Во лажната порака стои: Влада: Имате право на нов додаток од 6.150 денари. За повеќе информации и за барање поддршка, посетете ја https://vlada-mk.com.

Понатаму стои и: Важна информација: Како дел од мерките на насочени кон зајакнување на куповната моќ на домаќинствата воведен е нов додаток од 6.150,00 ден за растеретување на нашите граѓани за време на оваа инфлација. Овој додаток се плаќа по жител, а не по домаќинство!

Од Владата веднаш реагираа дека се работи за смишинг и фишинг измама и граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб страната.

– Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови (прикажан на сликите подолу), станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле – стои во сопштението од Владата.

Оттаму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци.

– Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот – потецираат од Влада.

Од МВР пак, велат дека се запознаени со случајот и дека веќе постапуваат.

– До Секторот за компјутерски криминал веќе е пристигната пријава за истото. Во однос на пријавата Ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал веќе постапува по истата согласно надлежностите. Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами чија цел е крадење на податоци за понатамошна нивна злоупотреба со цел финансиска корист. Истите потребно е да ги игнорираат и пријават во МВР, односно во никој случај да не даваат свои лични податоци и податоци од своите платежни картици – истакнуваат од МВР.

Во текот на денот според информации на весникот ВЕЧЕР, и банките ќе ги информираат своите клиенти за измамата.

(С.Бл.)