EPA/RAINER JENSEN

Осум часовници кои му припаѓаат на легендарниот возач во Формула 1, Михаел Шумахер, се продадени за речиси четири милиони швајцарски франци (4,4 милиони долари) на аукција во Женева.

Највредниот часовник на аукцијата, организирана од семејството на Шумахер, е часовникот кој на легендарниот Германец му го дал поранешниот извршен директор на Ферари, Жан Тод, како божиќен подарок во 2004 година. Тој е продаден за 1,5 милиони франци.

Шумахер, кој се повлече од Формула 1 во 2012 година, го дели рекордот за најмногу титули со британскиот возач Луис Хамилтон, кој сè уште има шанси да го собори со оглед на тоа дека е активен возач.

Во декември 2013 година, Шумахер имаше тешка несреќа на скијање на француските Алпи. Откако беше префрлен од болница во септември 2014 година, за него се грижи семејството во Швајцарија. Од тој момент до ден-денес не се знае во каква состојба е легендарниот Германец, иако се „шушка“ дека неговото здравје не се подобрува.

Многумина сметаат дека токму со продажбата на овие часовници ќе се плати дел од скапата терапија, која ја прима Шумахер, односно дека „бунарот со пари“ полека секнува, па се наоѓаат различни алтернативи за додатни приходи.