Се забрзува постапката за работна виза – секоја година 7.000 Македонци заминуваат во Германија

Се забрзува постапката за добивање на работна виза во Германија. Македонските граѓани заедно со граѓаните од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија од 1 јуни ќе имаат привилегиран пристап до пазарот на трудот во Германија. Оваа зема одлучи да го удвои бројот на визи за државјаните на овие шест земји на 50.000 годишно. Имено, Германија ги менува правилата за вработување работници од Западен Балкан, а целта е да се скрати времето од аплицирање до добивање работна виза. Според податоците на агенциите за посредување при вработување секоја година од 4.500 до 7.000 Македонци заминуваат на работа во Германија

3896

Се забрзува постапката за добивање на работна виза во Германија. Македонските граѓани заедно со граѓаните од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија од 1 јуни ќе имаат привилегиран пристап до пазарот на трудот во Германија. Оваа земја одлучи да го удвои бројот на визи за државјаните на овие шест земји на 50.000 годишно. Имено Германија ги менува правилата за вработување работници од Западен Балкан, а целта е да се скрати времето од аплицирање до добивање работна виза.

Зоран Кочовски директор на Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, за весникот Вечер, појасни дека се скратува постапката за добивање на работна виза, бидејќи процесот се довива преку локалните бироа за вработување во Германија.

-Станува збор за упростување на постапката и побрзо добивање на термин за работна виза. Процесот за добивање на работна виза ќе се одвива преку локални бироа за вработување во Германија. Работодавците кои имаат потреба од работници ќе поднесат барање до локалното биро. Штом работодавецот ќе добие позитивен одговор од локалното биро за вработување, Македонците работници добиваат термин за виза, објаснува Кочовски.

Тој додава дека тоа што Германија ги менува правилата за вработување не значи дека Македонците нема да треба да аплицираат за работна виза. Напротив, Македонците повторно ќе мора да аплицираат за работна виза, но се скратува процесот на чекање за добивање термин.

-Дали Македонците ќе успеат да најдат работодавец во Германија ќе зависи од нивните квалификации. Предност ќе имаат оние кои имаат соодветни квалификации и познавање на германски јазик. Секако, познавањето на германски јазик е потребно за работни места со повисоки квалификации, но не е неопходен за неквалификувана работна сила. На Германија очајно ѝ требаат работници, но тоа не значи дека ќе земе неквалификувани работници. Секоја земја која бара работна сила предност им дава на оние што се обучени и што знаат да ја работат таа работа за која е потребна работна сила, вели Кочовски и додава дека кога станува збор за квалификувана работна сила во одредени ситуации ќе треба да се нострифицираат дипломите.

Кочовски појаснува дека со новиот систем нема да има лотарија, туку термини за работна виза ќе добиваат лица кои имаат работни договори. Овие лица бараат термин за поднесување на документи во Германска амбасада. Од Амбасадата проверуваат во германските служби и ви даваат виза.

Податоците покажуваат дека околу 76.000 граѓани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија имале дозволи во Германија на крајот на 2023 година. Ова претставува зголемување од 22 отсто во споредба со 2022 година кога Германија имаше околу 62.000 работници кои имаа дозволи од овие земји. Според статистика, граѓаните на Косово ја сочинувале најголемата група работници во Германија според оваа регулатива на крајот на 2023 година.

Според податоците на агенциите за посредување при вработување секоја година од 4.500 до 7.000 Македонци заминуваат на работа во Германија.

(А.С.)