„Кој претпочита калифат пред Германија, нека се исели“: Остри реакции на собирот на исламистите во Хамбург

329
EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германските политичари го изразија своето незадоволство од исламистичките протести одржани викендов во Хамбург, каде со антисемитските слогани бараа и воведување калифат, а со тоа и шеријатско право во Германија.

Апсолутно е јасно дека државата мора да дејствува против сиве овие исламистички активности со сите средства што ги има на располагање една правна држава“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, реагирајќи на протестите на исламистите одржани минатиот викенд во Хамбург.

Шолц рече дека властите сега мора да испитаат конкретни криминално-релевантни мерки за казнување на оние кои го прекршиле законот и се спротивставиле на уставниот поредок на Германија.

И германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, рече, осврнувајќи се на собирот во Хамбург, дека мора да има „јасни црвени линии“ и покрај правото на собирање и изразување мислења.

„Не е дозволено глорификација на тероризмот на Хамас, не се дозволени извици на омраза кон Евреите, не е дозволено насилство. Во случај на кривични дела, полицијата мора одлучно да реагира“, рече Фезер.

Во саботата во Хамбург се одржа протест на кој демонстрантите ја нарекоа Германија „диктатура на вредностите“ и носеа транспаренти со натписи како „Калифатот е решението“.

Протестот го организираше здружението Muslim Interaktiv, коешто германското Бирото за заштита на уставниот поредок (BfV) го смета за екстремистичко движење.

Министерот за правда Марко Бушман посочи дека на оние кои не го признаваат уставниот поредок на Германија треба да им се ускрати правото да престојуваат во Германија.

„Оној што го претпочита калифатот пред уставно-правната држава, може слободно да емигрира“, рече Бушман преку платформата „Икс“.

Директорот на полициската управа во Хамбург, Франк Шнабел, се бранеше од обвинувањата дека имало превид кога била дозволена саботната исламистичка поворка.

„Нашиот Устав, кога станува збор за правото на собирање и изразување мислења, дозволува екстремистички протести“, рече Шнабел.

Властите во Хамбург во моментов испитуваат дали слоганот „Калифатот е решение“, имајќи предвид дека тоа е и повик за воведување на шеријатскиот закон, кој е во спротивност со човековите права, може да биде кривично гонет.