Македонија – елдорадо за одлична естрадна заработувачка

246

И покрај спротивставувањето на македонските пејачи, доаѓа нова меганаезда на концерти на: Цеца Ражнатовиќ, Аца Пејовиќ, Саша Матиќ, Петар Грашо, „Парни ваљак“…

Иако доаѓаат жалби од нашите пејачи од сите страни дека не може да дојдат на ред, поради мноштвото концерти на колегите од Србија, Босна и од Хрватска, на свој домашен терен, менаџерите и организаторите остануваат тотално глуви и имуни на тоа. Си ги бркаат своите шоу-бизниси. Па така, во наредниот период, а особено во текот на летото, македонските обожаватели ќе уживаат во спектакуларни концерти на своите музички идоли: Петар Грашо, Аца Пејовиќ, Саша Матиќ, „Парни ваљак“… и, секако, најпопуларната балканска пејачка, Цеца Ражнатовиќ.

Додека нашите самоволно се повлекоа, настапувајќи најчесто кај македонската дијаспора или од страв дека нема да ги наполнат салите, ексјугословенските ѕвезди го прават тоа премногу лесно. Кај македонската публика, билетите за нивните концерти се продаваат како алва и притоа никој не прашува за цената на тие билети, кои воопшто не се евтини и најчесто чинат над три илјади денари (со чест на ретки исклучоци).

Па така, нема да има проблем да пеат пред преполни спортски сали, стадиони или концертни сали. Петар Грашо овој викенд ќе пее во Скопје, на дури три распродадени концерти. Потоа ќе гостува загрепската рок-легенда, бендот „Парни ваљак“ со новиот пејач Игор Дрвенкар, на 18 мај, исто така во Скопје. А, Скопје не е единствениот град во кој ќе има концерти на музичарите од „домашното странство“.

Одлична концертна забава ветува и Ацо Пејовиќ, оној што се прослави со песните на Тома Здравковиќ, во Охрид, на трети август, на стадионот „Билјанини Извори“. Ветува дека ќе го остави без здив секој оној што ќе дојде – и со пеењето и со песните.

А, пред Пејовиќ, на 15 јуни, во Куманово, ќе пее балканската фолк-ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ. Таа ќе настапи во модерниот спа-објект, кој одлично функционира неколку години наназад и во кој често се одржуваат концерти на најпознатите музички ѕвезди. По Цеца, на ред е концертот на Саша Матиќ. Тој ќе одржи концерт во Битола, на популарното ракометното игралиште, на шести јули. Влезниците за тој настан се пуштени во продажба и, по некое чудо (на оваа скапотија), се по симболична цена, најевтините се по 600 денари, што, секако, е за поздравување. Матиќ, поради тоа, се надева на масовно присуство на публиката, која ќе ја забавува со своите хитови: „Некои птици никогаш не полетуваат“, „Сакам да стареам со тебе“, „Рузмарин“, „Најди нова љубов“, „Кога ќе помине сè“…

И, ете, навистина, кога ќе помине и ова торнадо од настапи на ексјугословенските пејачи во Македонија, логично останува единствено да се направи математика.  Според неа, нашиот музички простор, за секој од нив, и понатаму е елдорадо за одлична естрадна заработувачка. При тоа да не се забораваат и оние кои веќе имаа свои финансиско-успешни концерти во Македонија: “Фрајле“, Северина, Сања Долежал, Жељко Самарџиќ, Јелена Розга, Бајага, Данијела Мартиновиќ, Јелена Томашевиќ, Џибони, Дино Мерлин, Јосипа Лисац, Бора Чорба, итн….

Дуле Миќиќ