Дубаи го поплавија климатските промени, сеењето облаци или недоволно канализација?

513

Научниците не се на чисто дали тука влијание имаат климатските промени иако знаат дека потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, а тоа  може да го зголеми интензитетот на дождот. Една студија сугерира дека до крајот на векот, годишните врнежи би можеле да се зголемат до 30 проценти низ поголемиот дел од ОАЕ, бидејќи светот продолжува да се загрева

 

Дождовите што во пустинскиот град Дубаи предизвикаа поплава од епски размери ги збуниja и научниците. За само 24 часа над градот се истури дожд колку што изнесува просекот за една ипол година и го парализира животот во него.

Поплавени беа сообраќајници, некои од нив беа и уништени од големото количество вода, потоа домови, институции, метрото, аеродромот…

Дубаи, градот кој важи за финансиски центар на Блискиот Исток, се наоѓа на брегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и обично е многу сув.

-Овој дел од светот се карактеризира со долги периоди без дожд проследени со неправилни, обилни врнежи, но ова беше многу редок дождовен настан, објаснува професорот Мартен Амбаум, метеоролог од Универзитетот во Рединг кој проучува дождови во заливските области, пишува „Би-би-си“.

Научниците не се на чисто дали тука влијание имаат климатските промени иако знаат дека потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, а тоа  може да го зголеми интензитетот на дождот. Една студија сугерира дека до крајот на векот, годишните врнежи би можеле да се зголемат до 30 проценти низ поголемиот дел од ОАЕ, бидејќи светот продолжува да се загрева.

Втората причина за рекордните врнежи се бара во таканареченото сеење облаци што се користи во тој регион. Тоа е всушност манипулирање со облаците за да се произведе повеќе дожд. Тоа се прави на тој начин што авион во облаците фрла мали честички сребрен јодид. Според Блумберг облаци се сееле во неделата и понеделникот, но не и во вторникот, кога се случија поплавите. Сепак, стручњаците сметаат дека сеењето облаци би имало мало влијание за обилни врнежи, зашто во секој случај, атмосферата веќе требала да содржи многу вода за да формира облаци. Освен тоа, метеоролозите веќе ги имаа предвидено екстремните временски услови, а во такви ситуации не се врши сеење облаци.

Едно од толкувањата за причините за поплавите е и дека Дубаи е град кој воопшто не е подготвен за такви екстремни временски непогоди. Тој е многу урбанизиран, со малку зеленило кое е недоволно за да ја впие влагата, а канализациските системи не се димензионирани за толку вода. Исто така, многу патишта немаат одводни системи. Затоа, стручњаците сугерираат патната инфраструктура, аеродромите и другите објекти да се прилагодат на новата реалност. Конкретно, се предлага да се изградат акумулации за складирање на водата од пролетните дождови, која би се користела подоцна во годината.

Поплавите од библиски размери се случија во вторникот кога над градот се истури огромно количество вода, односно 120 милиметри дожд на квадратен метар, најмногу од 1949 година од кога се мерењата. Дождовите почнаа во понеделникот вечерта, натопувајќи го песокот и ги поплавија улиците на Дубаи. Невремето се засили во вторникот наутро и продолжи во текот на денот, со обилни врнежи и град што го погодија веќе поплавениот град.

Во обилните дождови и силните ветрови што ги погодија Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и Оман во неделата и понеделникот загинаа 19 лица, меѓу кои и десетина ученици кои биле во возило што го однесе поплавата.

Аеродромот се враќа во форма

Повеќе од 300 лета на аеродромот во Дубаи, кој важи за еден од најфреквентните во светот поради поплавата, а стотици беа одложени.

Ситуацијата сега полека се стабилизира, па авиокомпанијата „Емирејтс“, која е најголемиот корисник на аеродромот, вчера повторно почна со пријавување на патниците.  Аеродромот вчера изутрина соопшти дека почнал да прима влезни летови на терминалот 1, кој го користат странските авиопревозници, но дека летовите и натаму се одложуваат.

Се прават обиди  да им се обезбеди храна на заглавените патници, зашто околните патишта се поплавени.