Мостот „Беласица“ наскоро би можел да биде пуштен за сообраќај и за тешки  возила. Според информации на весникот ВЕЧЕР, оваа сабота треба да се направи второ товарење со шест полни камиони, распоредени еднакво од двете страни, за да се види во каква состојба е и дали е целосно функционален за сообраќај.

Тежината од 205 тони товар е приближно она оптоварување што го има мостот доколку е целосно исполнет со возила. Потоа ќе се врши мерење за да се утврди дали поместувањата од една точка до друга се во дозволените граници.

По една крајна лента во двата правца на овој фреквентен мост пред осум месеци (во септември 2023) беше пуштена за движење на лесни возила откако експертизата, на барање од Град Скопје, ја правеше Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, по големиот пожар што се случи лани во мај и покажа дека нема сериозни структурни оштетувања на конструкцијата и на преднапрегнатите кабли што ја нарушуваат безбедноста на мостот.

Тогаш професорот Михаил Гаревски од ИСОГКП рече дека му е потребна лесна санација на мостот, со оглед на површинското напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, а таквите оштетувања се прифатливи според квалификациите прифатени во светот.

Потоа беше направено првото товарење, по кое поместувањата од таквото оптоварување беа во рамките на дозволените граници.

АД ЕСМ тогаш ги извади изгорените цевки од топловодот, требаше до почетокот на грејната сезона да постави нови за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија. Но, грејната сезона заврши, а цевките не се поставени.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, тогаш истакна дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот за да може со сигурност да се каже дека може целосно да се пушти за сообраќај.

(С.Бл.)