За автопатите што ќе се градат на коридорите 8 и 10д во јануари годинава се спроведени геотехнички испитувања на делниците Гостивар – Тетово, Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп. На делниците Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп имало и земјени работи, а делницата Ќафасан-Требеништа-Струга нема никакви активности, покажува Извештајот на надзорот за прогресот на изградба на автопатите што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во текот на јануари годинава, изведувачот работел претежно на експропријација, геодетска мрежа, топографски премер, геотехнички испитувања, спецификации и дизајн на автопат. Извештајот покажува дека за делницата Гостивар Тетово извршена е експропријација на 89% од имотот, за Букојчани – Гостивар на 27%, а за делницата Битола Прилеп на 70%.
За Гостивар-Тетово се изготвени 88% од урбанистичките проекти, за Букојчани Гостивар 28%, а за Битола-Прилеп 75%. За Гостивар Тетово и Букојчани Гостивар се спроведени и 75% од топографските истражувања, а такви активности нема за останатите две делници.
Направени се 61% од потребните геотехнички испитувања за патната секција Гостивар-Тетово, 49% за Букојчани-Гостивар и 34% за делницата Битола – Прилеп.
Напредокот на работите за спецификација и проектирање на автопатот до крајот на јануари годинава на првата делница изнесува 23%, на втората 7%, а на четвртата 9%. Во претходниот извештај за прогресот на работите за периодот од 1 ноември до 31 декември лани беше наведено дека целосно се завршени 58% од проекциите за експропријација, како и 33% од геотехничките истражувања.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше потпишан во март минатата година. Со него треба да се изгради автопатска мрежа во вкупна должина од 109 километри.
Од другите автопати во изградба, Собранието минатиот месец изгласа законски дополнувања со кои 31 декември 2026 година е утврден како краен рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри, што се гради од 2014 година.
Пролонгирањето е поради појавени 13 нови свлечишта на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, образложи Владата за проектот што го гради кинески „Синохидро“.
Од автопатот во изградба Скопје-Блаце во вкупна должина од 12,5 километри, во завршна фаза е изградбата на првите два километри, а за останатите од втората фаза во тек е евалуација на понудите за избор на изведувач.