Народната банка изработи нова веб услуга за автоматизирано преземање на податоците од курсната листа, којашто може да се користи паралелно со старата веб-услуга која ќе биде достапна на веб-страницата до крајот на мај годинава и дотогаш сите корисници треба да почнат да ја употребуваат новата веб-услуга.
– Деловните банки веќе се префрлија на новата апликација и автоматизирано ја читаат Курсната листа секој ден. Оваа апликација на Народната банка за Курсната листа и за курсевите за државните органи е изработена со нови современи алатки и е достапна на следнава врска: https://www. nbrm. mk/web-servis-novo.nspx, на која има и упатство за корисниците за нејзиното користење – велат од централната банка.
Оттаму посочуваат дека воведувањето на новата услуга е во рамки на унапредувањето на ИТ-безбедноста на процесите преку примена на нови технологии што се поотпорни на нападите од дигиталниот простор.
– Постојаното јакнење на киберотпорноста, како и користењето на технологиите за подобрување на услугите кон корисниците е заложба на централната банка. Неодамна започна билатерална соработка со централната банка на Италија, проект на Европската Унија, чијашто цел е преку пренесување на искуствата да се зајакнат стандардите и најдобрите практики во Народната банка за развивање и одржување апликативен софтвер – се наведува во соопштението.