Кампањата за претседателските избори во Македонија, кои ќе се одржат на 24 април, влегува во интензивна и завршна фаза, а за два дена, на 18 април, почнува и кампањата за парламентарните избори, кои се закажани за 8 мај.

Седумтемина кандидати за претседател, преку митинзи, дебати и средби со граѓаните, продолжуваат да ги промовираат програмите со изнесувањето ставови, кои, во голем дел, се веќе познати и се во знакот на прашањата за евроинтегарциите и уставните промени, како и за внатрешните состојби во државата, поврзани со економијата, борбата против криминалот и корупцијата, правосудството и меѓуетничките односи, па сè до актуелните светски случувања поврзани со ескалацијата на Блискиот Исток и нападите на Иран врз Израел.

Кандидатите во претседателската изборна трка имаат уште шест дена за претставување, со оглед на тоа што изборниот молк почнува на 22 април, на полноќ.

Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, чиј слоган е „Нашиот претседател“, во неделата обиколи повеќе помали градови во источниот дел на државата и особено нагласи пред граѓаните дека неговите цели се базираат на европската иднина на Македонија, но истовремено им вети на граѓаните дека ќе продолжи со своите заложби да биде претседател за сите граѓани што живеат во државава.

На митингот во Крива Паланка, рече дека ако ја добие довербата на граѓаните, државата ќе продолжи сигурно кон Европа, додека во Куманово вети дека ќе остане истиот претседател, на сите што живеат во Македонија.

– Ако направиме масовна политичка стабилизација на 24, ве уверувам дека ќе биде обична „егзекуција“ да го завршиме процесот на 8 мај. Ве замолувам, сите масовно на гласање и заокружување на бројот 1 на 24 и „второто полувреме“ и да го добиеме мечот на 8 мај – повика Пендаровски.

Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, кому ова може да му биде втор мандат, имаше средби и со граѓаните во Кратово и во Старо Нагоричане, каде што упати критика дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзината кандидатка за претседател, Гордана Силјановска- Давкова, немаат идеја, ниту план за тоа што да прават со евроинтегративниот процес.

И претседателот на СДСМ и поранешен премиер, Димитар Ковачевски, кој имаше разговори со граѓаните на Водно и активностите на промотивниот штанд за претседателскиот кандидат, потенцираше дека Коалицијата и Пендаровски се единствената опција за европска иднина на државата.

– Ние нудиме јасен план и визија за тоа како и до кога, односно до 2030 година Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ. Наспроти нашите политички конкуренти, ВМРО- ДПМНЕ и нејзиниот претседателски кандидат Гордана Силјановска, кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која посети неколку општини во Скопје, меѓу кои Петровец, Центар и Кисела Вода, потенцираше дека и таа сака земјава да биде дел од европското семејство, каде што историски, географски и културно припаѓа, но само доколку се почитува нејзината различност, како што се почитуваат различностите на членките на Унијата и на другите кандидати за членство.

И Силјановска-Давкова порача дека ако биде избрана за шеф на државата, нема да прави никаква разлика меѓу граѓаните, по ниту една основа, партиска, етничка, верска или социјална, туку напротив, како што рече, ќе ги обединува и ќе ги претставува сите подеднакво.

– Легитимитетот на претседателот треба да извира од граѓаните, и тоа е најдоброто решение за демократијата.

Таа повтори дека е против тоа шефот на државата да се избира во Собранието, што, како политичка идеја, ја промовираа ДУИ и албанските опозициски партии од коалицијата „Вреди“.

Кандидатот за претседател на Демократската унија за интеграција и на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, кој ги обиколи Кривогаштанскиот и Долненскиот Регион, ја истакна својата улога како министер за надворешни работи и рече дека успеал да ја внесе земјата во НАТО и да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија. А, како кандидат за претседател, вети дека може да ги заокружи најважните интегративни процеси и државата, конечно, да вплови во европскиот начин на живот.

Османи, кој деновиве упати критики до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и рече дека веќе им е доста на луѓето од лажен патриотизам и пораки на политички партии што бараат 61 пратеник за да ги исклучат другите етнички заедници, повтори дека на овие избори гласачите мора да изберат меѓу две алтернативи – интеграција или изолација, соживот или тензија на меѓуетничките односи. Своите предизборни ветувања тој ги упати, пред сè, до сите припадници на националните малцинства, изјавувајќи дека се залага за подобар живот на сите граѓани.

– За жал, тие се двете понуди и јас сум среќен што можам, во име на „Европскиот фронт“, најголемиот мултиетнички блок, да понудам интеграција за пет години соживот помеѓу етничките заедници, правда и еднаквост и можност секој граѓанин да сонува и да го оствари својот сон, независно од кое семејство потекнува, од која етничка припадност е, од социјална категорија, од село или град – рече Османи.

Кандидатот за претседател предложен од опозициските партии од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, им вети на граѓаните дека ќе ја заштити консензуалната демократија и најави дека ќе се залага за слобода на изразувањето и владеење на правото.

Билјана Ванковска, кандидатката за претседател на државата предложена од партијата Левица, ја презентираше изборната програма пред граѓаните, на митинг во Кавадарци. На присутните им предочи зошто би била подобра од своите противкандидати Пендаровски и Сиљановска-Давкова и ги нарече „сијамски близнаци“.

– Мојата противкандидатка е постојано фаворизирана како иден претседател, а што ни нуди мојата колешка? Внесување на Бугарите во Уставот со одложено дејство. Тоа е исто како да ви кажат: „Ама вас нема да ве боли, ќе ги боли вашите деца“. Втор го фаворизираат Стево, кој се фали дека направил добра работа што нè внел во НАТО, а што добро направил со тоа, освен да плаќаме за милитаризација? Сето ова што го нудат тие е сосема различно од мојата програма. Ние мора да ги расчистиме сите нив бидејќи се сијамски близнаци – рече Ванковска.

Таа се осврна и на Максим Димитриевски и истакна дека е ставен да биде „тројански коњ“, да земе дел од гласачкото тело на СДСМ, додека за Бујар рече дека е чудна ѕверка, која размислува дали да се кандидира за европски претседател или да се кандидирал за генерален секретар на НАТО.

Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ја базираше кампањата во Демир Капија на земјоделството и вети дека ќе иницира нови законски решенија за директна помош, особено на реалните винопроизводители, а сè со цел да се трансформираат семејните активности во семејни бизниси.

– Тоа ќе придонесе во развојот на економијата, како и во зголемувањето на приходите во буџетот – рече Димитриевски.

Кандидатот за претседател на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски, кој беше во Прилеп, ја стави поентата на состојбата во светот, со акцент на ескалацијата на Блискиот Исток. Рече дека живееме во тешко време, обременето со војни, кои може да се прошират на европска почва. Упати апел за подготовка на земјата за воено време со набавка на оружје, муниција, производство и складирање храна. Многу е битно кој ќе биде врховен командант – рече Јакимовски.

– На 1 200 километри јужно од нас и на 1 200 километри воздушна линија северно од нас, се одвиваат страшни војни. Тоа јасно покажува дека живееме во тешко време и многу е битно кој ќе биде врховен командант на оружените сили на Република Македонија. Во 2013 година, на почвата на Европа, НАТО немаше ниту еден тенк, денеска се преку 3000 тенка – изјави Јакимовски.

М.С.