Се гради каменоземјена брана од 33 метри на реката Отиња

476

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска изврши увид во изградба на браната на реката Отиња во Штип. Со проектот е предвидено да се изведе каменоземјена брана во висина од 33 метри. Таа, пред сè, ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со вода.

– Минирана e локацијата кај Попова Чешма во Штип, со што ќе може да се користи материјал за изградба на брана на реката Отиња. Освен на оваа, се работи и на неколку други локации – истакна Бочварски и забележа дека проектот е доста тежок, но се работи напорно, со цел да се реализира и штипјани да добијат брана.

Штип е еден од ретките градови што нема никаква акумулација во своја близина. Браната ќе носи еколошка и економска корист, па наместо со вода од водоводот, зелените површини во градот ќе се наводнуваат со водата од браната.

Со изградбата на браната ќе се создадат услови за изградба на викенд-зони, шеталишта и повеќе други рекреативни елементи. Акумулацијата ќе располага со 3 милиони кубни метри вода и целата инвестиција изнесува околу 5 милиони евра или во денарска противвредност – над 306 милиони денари.