Лајчак: Дијалогот меѓу Белград и Приштина продолжува в понеделник – Бислими најави предлози за решавање на проблемот со динарот до петок

238

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска најави дека разговорите за одлуката за готовинските трансакции на Косово и Метохија ќе продолжат следниот понеделник во Брисел.

Тој на социјалната мрежа Икс изјави дека денеска со главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими разговарал за спроведувањето на Договорот за патот кон нормализацијата, како и за влијанието на одлуката врз готовинските трансакции.

„Се договоривме да продолжиме со ова прашање следниот понеделник, додека со Договорот ќе треба да се позанимаваат лидерите“, напиша тој.

Во Брисел денеска се одржа трипартитна средба на делегациите на Белград и Приштина предводени од Петар Петковиќ и Бесник Бислими со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.

По средбата, Петковиќ изјави дека белградската делегација инсистирала пред сѐ на формирање на ЗСО, а второто главно прашање е одлуката на Приштина да го укине динарот.

Бислими истакна дека до петок Приштина и Белград ќе испратат предлози за решавање на проблемот со динарот, а за тоа очекува да се разговара следната недела.