Во светот вчера силно одекна веста дека Бруно Марс и должи дури 50 милиони долари на компанијата која управува со казината во САД. Наводно, Бруно претерал во казиното, па морал да „се вади од кал“.
Веста ја пренесоа американските медиуми склони кон сензационализам, но предизвика дури и реакција од MGM Resorts International.
Од почит кон пејачот тие решиле се да разјаснат.
„Горди сме на нашата врска со Бруно Марс, еден од највозбудливите и најдинамични изведувачи во светот“, се вели во соопштението.
„Партнерството помеѓу МГМ и Бруно е долгогодишно и втемелено во взаемно почитување. Секоја шпекулација е целосно лажна. Ништо не ни должи. Заедно, возбудени сме што ќе продолжиме да создаваме незаборавни искуства за нашите гости“, се вели во соопштението.
Марс започна долгорочно партнерство со оваа компанија во 2016 година. Тој настапува во нивните казина ширум Америка и светот.
Некогаш зборуваше и за своето прво коцкање.
Тогаш имал само 19 години.
„Се сеќавам на мојот прв облог, раката ми се тресеше. Мора да изгубиш за да победиш, за да разбереш се“, изјави тогаш Марс.