Се зголемуваат количините на земјоделски производи што ги увезуваме. Земјоделците велат дека домашното земјоделство е уништено, површините се преполовени и дека од извозници на пиперки, домати, зелка… сме станале увозници. Порано со камиони извезувавме домати и пиперки во Србија, Хрватска, Словенија, а сега наместо домашни, јадеме увозни од Албанија, Грција, Турција…
Земјоделците велат дека ако сме имале правилна стратегија во последниве 30 години, немало да дојдеме до ова дереџе – држава што ја снабдувала цела поранешна Југославија со храна сега да биде увозно зависна.
– Не само градинарските култури туку и другите земјоделски производи ќе станат дефицитарни и ќе ги нема. Причина се ниската откупна цена и неисплатливоста на земјоделството. Откупувачите ги уценуваат земјоделците дека не се квалитетни производите и тие се принудени да ги дадат по пониски цени. Порано со камиони извезувавме домати и пиперки во Србија, Хрватска, Словенија, а сега немаме ни за нашиот пазар – вели за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор Илија Каров.
Според него, нема веќе кој да го обработува земјоделското земјиште, младите се иселиле, а и земјоделството станало многу скапо да се работи.
– Во Струмица веќе не се одгледуваат земјоделски производи под пластеници, бидејќи производството е многу скапо и нема есап. И со грозјето се помина многу лошо, приносите се преполовени, а откупните цени не мрдаат со години. Не само што не се зголеми откупната цена на пченицата, за која државата бараше да се зголемат површините, туку и се намали. Лани ја откупуваа по 18-20 денари за килограм, а годинава цената падна на 9 денари за килограм. Ова е резултат на тоа што државата нема стратегија за развој на земјоделството. Земјоделците се разочарани и сè почесто се откажуваат од земјоделството – вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделски производители од Струмица.
Земјоделците велат дека ако сме имале правилна стратегија во последниве 30 години, немало да дојдеме до ова дереџе – од држава што ја снабдувала цела поранешна Југославија со храна сега да бидеме увозно зависни. Увозот на храна последниве години постојано се зголемува, а нивите зјаат празни.
Освен на градинарските култури се намалува и домашното производство на пченица. Иако пченицата е наш стратешки производ, сепак, македонското производство на пченица од година на година се намалува, па принудени сме да увезуваме за да ги задоволиме основните потреби на населението на годишно ниво.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека веќе со години производството е околу 250.000 тони, а годишните потреби во Македонија се околу 330.000 тони. Производството се намалува, а недостигот од пченица и од брашно се дополнува од увоз, најчесто од Србија.
Земјоделските експерти велат дека сме го уништиле македонското земјоделство, од извозници сме станале увозници и наместо домашни, јадеме земјоделски производи од Албанија, Грција, Турција…
(А.С.)