Измените на законот за игри на среќа не го поминаа собранискиот филтер, иако во февруари годинава се протурка тој со европско знаменце. На второто гласање на 145. седница, Законот доби поддршка со 51 глас, а беа потребни 61 глас. Претседателот Стево Пендаровски не му даде зелено светло на законот и не го потпиша указот со образложение дека неговата одлука е донесена врз основа на детална анализа на текстот на законот. Тој истовремено информираше дека се консултирал за тоа со Делегацијата на ЕУ во земјава, како најважен партнер во процесот на преговори. Во текот на вчерашниот ден, неизгласувањето на измените во законот на игри на среќа го поздравија од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“, бидејќи ако се донесеше овој закон, ќе се ставеше клуч на вратите на обложувалниците и околу 10 илјади лица ќе останеа без работа
Измените на законот за игри на среќа не го поминаа собранискиот филтер, иако во февруари годинава се протурка тој со европско знаменце. На второто гласање на 145. седница, законот доби поддршка со 51 глас, а беа потребни 61 глас, со што не се исполнети условите за негово усвојување. Како што информираат од Собранието, за неговото усвојување, недостигале десет гласа.
-Имајќи ја предвид одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен законот, потребни се најмалку 61 глас „за“, при одлучувањето за законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, законот доби поддршка од 51 глас „за“, со што не се исполнети условите законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој закон – се објаснува во соопштението од Собранието.
Овој закон предизвика многу реакции во јавноста откога на 7 февруари годинава Собранието ги усвои измените на законот поднесени со европско знаменце. Претседателот Стево Пендаровски тогаш одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот за изменување и дополнување на законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце, кога со 55 гласа „за“ ги усвоија измените со кои се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и од средните училишта.
Пендаровски тогаш образложи дека неговата одлука да не го потпише указот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на законот и на постапката во која е донесен. Тој истовремено информираше дека ја темели својата одлука и врз спроведени консултации со Делегацијата на ЕУ во земјата, како најважен партнер во процесот на преговори. Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ прилега на една зрела парламентарна демократија.
Против ваквиот закон беа и од здруженијата на приредувачите на игри на среќа и на спортските обложувалници. Тие подолг период предупредуваа дека ќе остави илјадници граѓани без работа.
Во текот на вчерашниот ден, неизгласувањето на измените во законот на игри на среќа го поздравија од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“, бидејќи ако се донесеше овој закон, ќе е ставеше клуч на вратите на обложувалниците. Со тоа, според нив ,околу 10.000 луѓе ќе останеа на улица, без работа, а во буџетот ќе скуси прилив од повеќе од 280 милиони евра годишно.
– Во името на 10.000 вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства, им оддаваме признание на сите пратеници што не гласаа за скандалозните и противуставни измени на законот за игри на среќа по одлуката на претседателот на Републиката да не го потпише указот за нивното стапување во сила. Покажаа дека имаат слух за нашите аргументи, го заштитија Уставот и спасија илјадници работни места. И покрај агресивната долготрајна негативна кампања против игрите на среќа, предизборните притисоци, мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ-знамето за законски измени што немаат никаква врска со хармонизацијата со европското законодавство – велат од Асоцијацијата за приредувачи на игри на среќа (АПИС).
Тие, исто така, посочија дека им се благодарни на официјалните претставници на ЕУ, кои доблесно укажале дека нема да премолчат злоупотреби што им нанесуваат директна штета на европските демократски вредности, чија имплементација во нашето општество, на сите нивоа, е клучна за исполнување на стратешките цели за полноправно членство во европското семејство.
– По ваков развој на настаните, сакаме да упатиме апел до сите политичари што активно учествуваат во предизборната кампања. Ставањето на овој економски сектор во дневнополитички контекст, никому не оди во прилог. Погрешен е впечатокот дека ние однапред сме против законски измени, туку сме против популистички, политички и бизнис мотивирани одлуки, кои практично се косат со уставниот поредок. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ и сметаме дека со нашето практично искуство можеме да дадеме свој придонес во еден широк консултативен процес во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и, конечно, ќе се дојде до законски решенија што ќе дадат одговори за грижите на граѓаните, наместо да создадат хаос и безредие со крајно штетни последици, кои многу тешко ќе се санираат – велат од здруженијата.
Тие потсетуваат за одлуката на албанскиот Парламент да ја укине забраната за приредување игри на среќа од 2019 г., дека треба да биде поука за сите домашни политички фактори.
– Особено што беше донесена оваа одлука во Албанија по предлог на Европската комисија, со цел справување со дивите играчници што никнале на нивна територија во текот на забраната, враќање на буџетските приходи од игрите на среќа и обезбедување транспарентност во овој економски сектор – се додава во реакцијата од АПИС.
(В.Ма.)