ОД 2030 ГОДИНА: ЕУ ќе ја забрани пластичната амбалажа во рестораните

37

ЕУ постигна договор за забрана на пластичната амбалажа за овошје и за зеленчук во супермаркетите, мини пакувањата кечап во рестораните и малите шишиња со шампон во хотелите во обид да се намали отпадот од пакувањето. Согласно со договорот, до 2030 година треба целосно да биде забранета употребата на пластичната амбалажа за храна и контејнерите за еднократна употреба во угостителството.

Според договорот, низа „формати на пластичната амбалажа за еднократна употреба“, вклучително и употребата на фолиите за заштита на куферите на аеродромите, ќе бидат забранети од 2030 година. И натаму ќе биде дозволено пакувањето од хартија или од картон.

Европратениците се согласни за клучниот текст на Зелениот пакт, кој ја поставува целта за намалување на обемот на отпад од сите видови пакувања во ЕУ за пет отсто од 2018 до 2030 година, потоа за 10 отсто до 2035 година и за 15 отсто до 2040 година. Исто така, забрането е додавање полифлуороалкилни супстанции (ПФАС) во амбалажата за храна, кои се штетни „вечни загадувачи“.