Трговците без одговорност, производите поскапени за 10, 20, а некои дури за 50 денари за килограм

Цените на основните производи во маркетите пораснаа. Во некои маркети сè уште не беа тргнати налепниците со гарантирани цени, но производите беа поскапени. Цените на основните производи кои беа опфатени со оваа мерка се поскапи за 10, 20 денари, а месото и кашкавалот дури за 50 денари од килограм. Освен во маркетите, раст на цените на овошјето и зеленчукот може да се забележи и на зелените пазари. И таму за само неколку дена цените се зголемени за околу 10 отсто. Граѓаните го забележуваат растот на цените на храната последните неколку дена и велат дека се зачудени колку брзо пораснаа. За да ги намалат им требаше време, а за да ги зголемат тоа можат да го направат и преку ноќ, коментираат граѓаните

4253

Цените на основните производи во маркетите пораснаа. Во некој маркети сè уште не беа тргнати налепниците со гарантирани цени, но производите беа поскапени. Цените на основните производи кои беа опфатени со оваа мерка се поскапи 10, 20 денари, а месото и кашкавалот дури 50 денари повеќе за килограм. Освен во маркетите раст на цените на овошјето и зеленчукот може да се забележи и на зелените пазари. И таму за само неколку дена цените се зголемени за околу 10 отсто.

Граѓаните го забележуваат растот на цените на храната последните неколку дена и велат дека се зачудени колку брзо пораснаа. За да ги намалат им требаше време, а за да ги зголемат тоа можат да го направат и преку ноќ, коментираат граѓаните.

-Цените неконтролирано растат, бидејќи никој не ги спречува трговците да ги качат. Каква општествена одговорност, кога е профитот и заработката во прашање – совеста не работи. Не знам само како можат и покрај тоа што знаат колкави се платите и пензиите во Македонија, вели еден купувач во маркет.

Велат дека сè е прескапо и оти и досега едвај врзуваа крај со крај, а сега не знаат како ќе го поминат месецот. Незадоволни од брзиот раст на цените бараат итна реакција на надлежните. Велат дека лебот и млечните производи станаа луксуз, а поскапени се и месните производи, но и овошјето и зеленчукот.

-Оставаме по 2.000 до 3.000 денари во супермаркетите, а заминуваме со една кеса. Со минимална плата од 20 илјади што можеш да купиш, само да платиш сметки струја, вода…, вели еден граѓанин.

Една од мерките што беше укината со почетокот на месецот беше онаа со која се ограничуваше царината при увоз на зеленчук и овошје. Поради тоа набавувачите ги покачија цените дури и до 15 отсто, а овој чекор го следеа и трговците на зелените пазари.

Економските експерти предупредија дека откако ќе се тргнат мерките ќе се зголемат цените што ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните, но надлежните не покажаа дека се грижат за народот.

– Одлуката да се укинат ограничувањата е апсолутно погрешна и несомнено ќе доведе до поскапувања, што ќе ги погоди граѓаните. Ова го прават на крајот на нивниот мандат, што исто така е многу погрешно. Оваа одлука треба да се препушти на новата влада, не на оваа техничка. Со одлукава Владата праќа и многу силна симболична порака, дека граѓаните не ѝ се важни. Дека на прво место им се нивните лични интереси, што се гледа и по тоа што повторно најавуваат дека ќе пораснат платите на функционерите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар.

Универзитетски професор Јован Пејковски, исто така, смета дека одлуката за укинување на мерката е погрешна е дека ќе предизвика раст на цените на храната.

-По тргање на мерката логично е цените да почнат да растат, бидејќи слободно ќе се формираат врз основа на понудата и побарувачката. Досега под притисок на власта беа ограничени на ниско ниво. Растот на цените во услови кога платите и пензиите не растат со исто темпо може да предизвика дополнително осиромашување и незадоволство кај граѓаните. Поради тоа државата мора да реагира, изјави за весникот ВЕЧЕР, Пејковски.

Од Државниот пазарен инспекторат најавија засилен инспекциски надзор низ супермаркетите, но и кај трговците на мало. Апелираат да бидат општествено одговорни и да ги приспособат цените во согласност со стандардот на граѓаните.

Но, на терен ситуацијата е поинаква нема ништо од одговорноста на трговците кои никој не може да ги казнува откако мерката повеќе не е на сила.

(А.С.)