На пензионерите не им се открива колку ќе биде зголемувањето за да нема разочарување!

Во согласност со новата методологија за пресметка во април, околу 335 илјади корисници на пензија ќе добијат поголема сума на своите сметки. Но надлежните не откриваат за колку проценти ќе биде зголемувањето. Со последното зголемување во септември, пензионерите наместо најавеното 6,8 отсто добија покачување од 5,3 отсто. Во пари изразено последното зголемување беше 700 денари за оние со најниски пензии, додека пак за оние со највисока пензија добија зголемување од околу 3.700 денари. Објаснувањето тогаш беше дека процентот на зголемување на пензиите од 5,3 отсто е добиен во согласност со процентот на порастот на трошоците на живот и процентот на порастот на просечната плата, како и податоците од Државниот завод за статистика

1676

Освен минималната плата во март ќе има и ново покачување на пензиите. Во согласност со новата методологија за пресметка во април, околу 335 илјади корисници на пензија ќе добијат поголема сума на своите сметки. Но надлежните не откриваат за колку проценти ќе биде зголемувањето. Со последното зголемување во септември пензионерите наместо најавеното 6,8 отсто добија покачување од 5,3 отсто. Во пари изразено последното зголемување беше 700 денари за оние со најниски пензии, додека пак за оние со највисока пензија добија зголемување од околу 3.700 денари. Објаснувањето тогаш беше дека процентот на зголемување на пензиите од 5,3 отсто е добиен во согласност со процентот на порастот на трошоците на живот и процентот на порастот на просечната плата, како и податоците од Државниот завод за статистика.

И зголемувањето на мартовските пензии ќе зависи од официјалните податоци од Државниот завод за статистика, како и од висината на трошоците за живот и просечната плата.

Надлежните велат да не се манипулира со бројки сè додека не излезе официјалната статистика.

-Не би зборувала за процент, а ниту за некакви рамки, затоа што секоја рамка се зема здраво за готово и се манипулира со пензионерите и затоа ќе ги почекаме официјалните податоци. Но она што е факт е дека од март 2022 до крајот на 2023 година, пензиите се покачија за 24 отсто. Никогаш претходно немало такво зголемување на пензиите за толкав период, истакна заменик-министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Инаку, она што е важно е дека пензиите и понатаму ќе растат двапати годишно во март и септември, без оглед на тоа која политичка партија е на власт. Со новата методологија која беше утврдена минатата година, пензијата според пресметките е зголемена за 24 отсто. Минималната пензија од 9.000 денари во согласност со последното усогласување порасна за околу 4.000 денари, односно над 13.000 денари.

За тоа колку би било зголемувањето зависи од статистиките, но со најавата дека минималната плата во март ќе порасне на 22.500 денари растот на пензиите би требало да биде поголем од ланското зголемување.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски, истакна дека во постапка се пресметките за раст на мартовските пензии.

-Да, во постапка се. Веќе се добиени податоци од Завод за статистика каде што точно по формула треба да се пресметаат. Започнати се и ќе се има согласно закон според формулата ќе се пресмета оној процент за нивната минимална пензија, за покачувањето, рече Велковски.

За тоа колку би било покачувањето, техничкиот министер нагласи дека со конкретни бројки ќе излезат кога ќе завршат сите работи.

-Во овој момент да не збориме за бројки. Конкретни да бидеме. Ќе излеземе со бројките. Да бидеме конкретни, да оставиме граѓаните да не шпекулираат меѓу себе колку и зошто, рече тој.

Инаку пензионерите на кои инфлацијата одамна им го изеде зголемувањето, не отстапуваат од барањето за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари.

Претходно пензионерите од Свети Николе, а вчера и штипските пензионери, излегоа на протест и побараа поголем раст на пензиите, зашто инфлацијата постојано расте, а цените на производите во маркетите од ден на ден се сè повисоки. Со минималните примања, велат не можат да ги подмират високите сметки за струја, да купат лекови, а за храна не им останува ништо.

-100 отсто треба да се покачат, а не 5 отсто како што беше досега. Тоа не е покачување, инфлацијата е голема, цените се се повисоки, а нашите пензии останаа исти. Многу тешко се живее со 12 -13 000 пензија. Не може човек ништо да направи со таа пензија, само да преживее, велат пензионерите.

(А.С.)