ИНТЕРВЈУ СО ДОКТОР САШКО ОЛУМЧЕВ, ЕПИДЕМИОЛОГ: Големата кашлица го достигнува пикот, но меѓу нас се и короната и грипот!  

561

Растечкиот број на заболени од пертусис или во народот позната како голема кашлица, ги мобилизираше здравствените власти. Комисијата за заразни болести минатата недела донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, а продолжуваат и апелите за вакцинирање и на возрасни и на деца што е сигурна заштита од кашлицата. Загриженост од растечкиот број случаи изрази и УНИЦЕФ од каде што велат дека само со постигнување колективен имунитет може да се заштитат оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. За каков вид заболување се работи, за вакцините, како и за тоа колку е важна заштитата, разговаравме со епидемиологот д-р Сашко Олумчев.

„Очекувам, бројот на заболени од голема кашлица во наредниот период да се зголемува, бидејќи сè поголем број луѓе се во фаза на инкубација, која трае две недели, и тие сè уште престојуваат во затворени колективи, како училишта, градинки, работни места, автобуси, каде лесно доаѓа до пренос на бактеријата од еден човек на друг, вели д-р Олумчев во интервју за весникот ВЕЧЕР. Со него разговараме за мерките за заштита кои граѓаните треба да ги преземат како за пертусисот така и за другите сезонски заболувања кои „царуваат“ во овој период од годината…

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Докторе Олумчев, што е всушност големата кашлица?

„Големата кашлица е вид на респираторна инфекција која најчесто ја предизвикува бактеријата Bordetella pertussis. Уште, во народот е позната и како магарешка кашлица. Се пренесува по пат на воздушно капков механизам, а просечното време на инкубација е десет дена. Инфективноста се намалува со текот на времето и е највисока во периодот блиску до крајот на инкубацијата. Големата кашлица е сезонска инфекција. Се работи за долготрајно заболување, кое трае некаде околу 10 недели, проследено со кашлица, и доколку имаме тешка кашлица, која трае четири до пет недели, таа може да го истошти организмот и да предизвика тешка клиничка слика. Големата кашлица се јавува циклично, на секои пет години, но бројките на заболени во претходните години не беа актуелни за да им се посвети поголемо внимание бидејќи беа занемарливи. Но, оваа година, имаме сè поголем број на луѓе во инкубативен период, и сè поголем број на заразени, така што Комисијата за заразни болести навремено реагираше, предложи соодветни мерки, покрај вакцинацијата уште и изолација на заболените. Дали ќе се остане на овие мерки, ќе зависи од развојот и текот на заболувањето.“

Веќе е прогласена епидемија на голема кашлица во Скопје. Колку е сериозна ситуацијата?

„Како што е познато, по појавата на големата кашлица или „пертусис“ во Србија, за очекување беше таа да се појави и кај нас. Поголем број граѓани од Скопје и другите градови, изминатиов период заминуваа во Врање и другите околни градови во шопинг или на зимски одмор, така што се зголемуваа контактите меѓу луѓето. Кога на тоа ќе се додадат студеното време, поминувањето поголем дел од времето во затворени простории, јасно беше дека ќе се случи прелевањето на големата кашлица и кај нас. Само за пример, во текот на целата 2023 година имавме само три случаи, само во јануари месец оваа година беа забележани 22 случаи. Последните два случаја, кај едно и пол месечното бебе, како и кај четиригодишното дете, кое било вакцинирано ни кажува две работи. Додека бебето не било вакцинирано, нормално, поради возраста, детето било вакцинирано. Но, мора да знаеме дека вакцините заштитуваат максимално околу 75 проценти, затоа бидејќи дошло во контакт со бактеријата, тоа се заразило. Сепак, важно е да напоменеме дека кај него сето тоа ќе помине со полесна симптоматологија, поради вакцините.

Очекувам, бројот на заболени од голема кашлица во наредниот период да се зголемува, бидејќи се поголем број на луѓе се во фаза на инкубација, која трае две недели, и тие сè уште престојуваат во затворени колективи, како училишта, градинки, работни места, автобуси, каде лесно доаѓа до пренос на бактеријата од еден човек на друг. Значи, ќе има брз пренос на заболувањето, покрај горните причини кои ги споменав, така и поради временската ситуација, аеро-загадувањето, хроничните болни и лицата над 65 години, кои се со намален имунитет. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група, но треба да потенцирам дека, иако најголем дел од заболените се деца и дел од нив се хоспитализирани, има и возрасни заразени со голема или магарешка кашлица. Затоа, не смееме да дозволиме оваа ситуација да ни се прошири низ целата земја.“ 

А, со кои мерки тоа да се направи, докторе?

„Секако, вакцинацијата ни е првата и најважна мерка, затоа треба да откриеме колку деца ни се „пропуштени“, односно не биле вакцинирани, не поради затајување на здравствениот систем, туку поради тоа што самите родители не сакале да ги вакцинираат, или поради антиваксерската кампања, која сè повеќе зема замав, тврдејќи дека Ди-те-пер вакцината предизвикува несакани здравствени проблеми.

Но, да бидеме на чисто, се работи за пет дози на вакцина која се прима до седмата година на возраста кај децата и одговорно тврдам дека овие вакцини не предизвикуваат никакви контраиндикации. Затоа, не гледам причина, родителите со непримањето на овие вакцини, да им прават лоша услуга на своите деца.

Мораме како здравствени работници да излеземе со некои кампањи и јавноздравствени едукации и да им објасниме на граѓаните дека штетата од пертусисот може да биде голема. Не може една болест, која трае шест до седум недели, да нè остави трајни последици на респираторниот систем.

Сметам, дека час поскоро, треба да се проверат сите вакцинални картони, и доколку некое дете, од кои било причини е „пропуштено“ да ја прими вакцината, да се направат нови покани до родителите, да се ревакцинираат децата, па дури, да се даде можност и на повозрасните да примат една ревакцина која би била од голема корист за постарите лица и хронично болните. Нека биде тоа на доброволна база, ако сакате, но државата нека даде шанса на овие лица да се ревакцинираат.

Значи, како здравствен систем, ќе треба сите комплетно да се ангажираме за да спречиме, наредниот период, да ни се појави енормно голем број случаи на голема кашлица. Затоа што, доколку тоа се случи, тие случаи ќе треба да се третираат хоспитално, ќе се наполнат болничките капацитети, некои од нив ќе бараат и кислородна поддршка, и ќе имаме голем проблем. Лично, не би помислил на вакво едно сценарио, затоа што уште ни се свежи сеќавањата со ковид-пандемијата, и што би значело тоа за здравјето на самите деца но и за издржливоста на здравствениот систем.“

Докторе, сезона е на вируси и тие како да „царуваат“ во овој дел од годината. Кои од нив во моментот се најзастапени?

Најпрво, тоа е сезонскиот грип од типот А инфлуенца. Оваа година тој ни е малку појак, бидејќи нашите организми две-три години се бореа со ковидот, но, независно од тоа грипот си циркулираше преку хиперимуните организми заедно со короната, и едноставно  се зајакна при тоа. Затоа, очекувано беше грипот оваа година, па очекувам и наредната да предизвикува полоша клиничка слика.

Освен грипот, активни се и респираторно синцицијалните вируси, како и другите аденовируси, како и ковидот. Но, проблемот, во овој период е тој што ни се јавуваат истовремено коинфекции, повеќе вируси и тие ја комплицираат ситуацијата. Вие може да сте имуни на грипот, поради вакцинирањето, но кога инфлуенцата А ќе се измеша  со ковидот или со респираторниот синцицијален вирус, настанува една фузија на симптоми која потоа создава тешка клиничка слика.

Што се однесува до морбилите, сега засега немаме проблеми, се до моментот кога евентуално тие не би се појавиле во нашите соседни земји. Реално кажано, ние „страдаме“ од околните земји. Имено, во нашата земја ние го одржуваме нивото на вакцинација против морбили или мали сипаници, тоа е некој процент кој е низок, но не толку низок како што е во соседните земји,  така што, кога кај нив ќе се јави голем број на случаи на заболени од мали сипаници, брзо тоа ќе се прелее и кај нас. Сите држави на Балканот сме поврзани, и иако имаме граници, сепак болеста не познава граници, па токму затоа ни се случи и големата кашлица.“

Зошто се мали бројките на заболени од ковид?

Видете, намалени се од едноставна причина што не се тестира повеќе на ковидот. Сите испитувања до сега покажаа дека предоминантна ни е омикрон варијантата, која не дава сериозна симптоматологија, така да е излишно да се „малтретираат“ граѓаните со докажување дали се работи за ковид, грип или друг вирус. Исто така, самото искуство на лекарите може лесно да ги препознаат клиничките слики на било кој од тие вируси. Освен, се разбира, ако имаме потешка клиничка слика и кога треба да се аплицира терапија, тогаш се пристапува до тестирање за да се види дали се работи за ковид или друг вид на вирус или грип, затоа што терапијата е различна.“

Кога може да го очекуваме „пикот“ на грипот?

Би рекол дека грипот го достигнува својот пик токму овие денови. По завршувањето на зимскиот распуст и зимските одмори, кога имаше поголемо движење на населението во соседните земји, и периодот на инкубација, очекувано беше да имаме зголемен број на заболени од грип, кој деновиве го достигнува својот максимум, така што очекувам тој број во наредните две недели полека да почне да се намалува.

Инаку, целата овогодишна сезона на грип ни помина во една стабилна епидемиолошка ситуација, немавме некои потешки случаи, освен оние исклучоци кај починатите од грип кои се покажаа дека имале коморбидитети или пак не биле вакцинирани.“