На 14 локации ќе можат да се поставуваат подвижни објекти и апарати за улична продажба

715

Објектите можат да бидат на сопствен погон или можат да бидат направи што немаат сопствен погон на движење, односно претставуваат специјализирани возила за улична продажба, со должина до четири метри и висина до три метри, во кои можат да се даваат угостителски услуги што немаат негативно еколошко влијание врз околината. Максималната површина што може да ја зафаќа подвижниот објект е 16 квадратни метри

Општина Центар за прв пат ќе воведува ред во уредувањето, организацијата и одржувањето на подвижните објекти што вршат различна дејност. Имено, на наредната седница, Советот на Општина Центар треба да даде зелено светло за предлог-одлуката за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи и за определување локации за нивно поставување на подрачјето на Општина Центар.

Според одлуката, предвидени се 14 локации на кои може да се поставуваат подвижни објекти, подвижни апарати и други направи. Локациите се во рамките на деталните урбанистички планови: централно градско подрачје на Град Скопје – Мал Ринг (донесен во 21.12.2012 година), изменување и дополнување на ДУП за градскиот  кварт Дебар Маало 1 (донесен на 21.12.2012 година), изменување и дополнување на ДУП за градскиот кварт Дебар Маало 2 (донесен на 28.12.2009 година) и централно зеленило покрај реката Вардар, јужен дел – Парк 1 (донесен на 13.9.2012 година). Одобрение за нив ќе издава градоначалникот на Општина Центар, по спроведен и транспарентно објавен јавен повик и постапка.

Објектите можат да бидат на сопствен погон или можат да бидат направи што немаат сопствен погон на движење, односно претставуваат специјализирани возила за улична продажба, со должина до четири метри и висина до три метри, во кои можат да се даваат угостителски услуги што немаат негативно еколошко влијание врз околината. Односно користат агрегат за напојување со струја со ниска бучавост, кој е висококвалитетен, немаат индустриски агрегат и поседуваат сертификат за ниска емисија на штетни гасови.

Максималната површина што може да ја зафаќа подвижниот објект е 16 квадратни метри. Во неа се опфатени: подвижниот објект, подвижниот апарат или друга направа, манипулативниот простор, урбаната опрема во функција на користењето на локацијата – канта за отпадоци. Подвижните објекти, подвижните апарати и други направи треба да имаат дизајн и изглед што не го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени. 

Воедно, на подвижните објекти може да се поставуваат рекламни натписи само во широчина на челото на опремата и нивната површина се засметува во вкупната висина и широчина на подвижниот објект.

Градоначалникот на Општина Центар ќе го објави јавниот повик со кој ќе ги пропише конкретните услови, начинот и постапката за доделување и користење на локациите за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи.

За поднесените барања за користење на локациите важи принципот „прв дојден – прв услужен“.

Како што се наведува во образложението на предлог-одлуката за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи и за определување локации за нивно поставување на подрачјето на Општина Центар, целта е да се унапреди одлуката за комунален ред и мерки за спроведување на подрачјето на Општина Центар.

(А.П.)