Македонските транспортери да ги ажурираат податоците за ТИР

БЕСТ Мобилити-НТА стана членка на ИРУ

73

Новата македонска национална транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити–НТА, стана единствен член во Меѓународната унија за патен транспорт – ИРУ од државава, а со тоа и национален гарант за ТИР.

Од Асоцијацијата апелираат до сите ТИР корисниците, поради промената на националниот гарант од 1 февруари, со цел да се овозможи непречена миграција, без оглед на транзитниот систем што го користат, за промена на нивниот МКD/TIR број да се јават во асоцијацијата или на емејл: tir@bts.mk, да ги контактираат и да ги ажурираат своите податоци, со цел да се достави листа за одобрување до Царинската управа и ITDB (Меѓународна ТИР база на податоци (ОН)) за евидентирање во системот. Сите претходно добиени ТИР броеви MKD/065/XXXX  ќе бидат неважечки.

– Со постигнатиот договор со Царинска управа, БЕСТ Мобилити – НТА сега е национален гарант за ТИР на територијата на Република Северна Македонија, при што ја зголемивме безбедноста и бенефициите за ТИР корисниците, со зголемување на ТИР гаранцијата од 60.000 на 100.000 евра по ТИР-карнет, вели Оливера Миовска, претседател на БЕСТ Мобилити – НТА,  а воедно и заменик- претседател на BSEC-URTA, која е Унија на патни транспортни асоцијации во регионот на економска соработка на црноморската регија и во која БЕСТ Мобилити е полноправен член.

ИРУ е најстарата и најголемата транспортна асоцијација на патните превозници во светот, со седиште во Женева. Членувањето на транспортната асоцијација во ИРУ, како што посочуваат од БЕСТ Мобилити, ќе обезбеди низа бенефити за домашните транспортни оператори, односно за нивните менаџери, возачи и други вработени, врз основа на 75- годишното искуство и експертиза на ИРУ во олеснувањето и обезбедувањето на трговијата и меѓународниот патен транспорт. Со тоа, на македонската транспортна индустрија ќе и се овозможи економски развој и последователно отворање на нови профитабилни пазари

– Признаена од надлежните органи, како гарант на ТИР системот, БЕСТ Мобилити – НТА е добро поставена асоцијација да стане гласот на повеќе од 1.600 македонски транспортни оператори, вклучени во меѓународниот патен транспорт, да ги промовира и да им помогне, се со цел да ја подобрат нивната работа и професионалното знаење во областа на домашниот и меѓународниот транспорт, вели во пишана изјава Умберто Де Прето, генерален секретар на ИР.